Фетаи: Беким Сали е предлог на ВРЕДИ за министер за животна средина
Во Коалицијата ВРЕДИ постои согласност местото на Изет Меџити, по неговиот избор за градоначалник на Чаир, да го преземе Беким Сали, изјави денеска вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи.
Тој посочи дека во текот на неделата коалицијата ќе одржи состанок со премиерот Христијан Мицкоски за да се најде заедничко решение околу реконструкцијата на Владата.
Фетаи коментираше и за критиките упатени кон министерката за образование Весна Јаневска, нагласувајќи дека таа веќе се извинила за случувањето во Тетово.
Потврди дека лично започнал да го учи македонскиот јазик, истакнувајќи дека нема проблем со користење на повеќе јазици.
Говорејќи за состојбата со корупцијата, Фетаи рече дека најголемите предизвици за државата се криминалот и корупцијата на високо ниво, кризата во Државната комисија за спречување на корупцијата и потребата од реформи во правосудството.
Тој нагласи дека Владата ќе продолжи да делува неселективно и дека во изминатите 16 месеци биле регистрирани само два изолирани случаи на корупција за кои веднаш биле преземени мерки.
Фетаи денеска учествуваше на 10. Годишна регионална конференција за координација на безбедноста во Западен Балкан.
