Студенти и граѓани во Белград побараа Генералштабот да остане културно добро
Илјадници студенти и граѓани, под слоганот „Ние сме жив ѕид“, протестираа против уривањето на комплексот на Генералштабот во Белград.
Протестот доаѓа откако српските власти, преку посебен закон (lex specialis), отворија пат за изградба на местото на зградите оштетени во бомбардирањето на НАТО на Сојузна Република Југославија во 1999 година.
Протестот го повикаа на 11 ноември студентите во блокадата на белградските факултети.
За време на протестот, студентите нацртаа црвена линија околу парцелите каде што се наоѓа комплексот на Генералштабот, а толпата формираше круг околу зградите, односно „жив ѕид“.
Како што истакнуваат, тие исто така сакаа да испратат симболична порака дека се против уривањето.
„Нашите барања се укинување на таканаречениот lex specialis за комплексот и парцелата на Генералштабот, поништување на незаконската одлука на Владата на Република Србија и враќање на статусот на културно добро на Генералштабот“, рече една од студентките во своето обраќање пред насобраните луѓе.
Таа додаде дека студентите бараат и завршување на истрагата од страна на Обвинителството за организиран криминал за фалсификувањето на документот со кој српската влада го одзеде статусот на Генералштабот како културно богатство во ноември 2024 година.
„Ова е нашето прво предупредување. Нема да се откажеме од Генералштабот“, рече таа.
Специјалниот закон (lex specialis), усвоен од Парламентот на 7 ноември, предвидува дека сите процедури за проектот за ревитализација на Генералштабот се сметаат за итни.
Според законот, државните органи се должни да донесат акти во рамки на нивната надлежност без одлагање, со цел да се овозможи процесот на ревитализација.
Идејата за изградба на луксузни повеќекатни згради на местото на Генералштабот ги подели граѓаните, а на проектот се спротивставуваат и професионалци кои инсистираат на зачувување на статусот на културно богатство за комплексот.
