Сирискиот претседател засега ја исклучува можноста за зближување со Израел
Привремениот претседател на Сирија, Ахмед ал-Шара ја исклучи можноста за директни разговори за нормализирање на односите со соседниот Израел засега.
На прашањето за желбата на американскиот претседател Доналд Трамп Сирија да се приклучи на Абрахамовиот договор, дипломатска иницијатива започната за време на неговиот прв мандат, во која голем број арапски земји воспоставија врски со Израел од 2020 година, ал-Шара посочи на тековната окупација на Голанската Висорамнина од страна на Израел.
Израел ја зазеде Голанската Висорамнина од Сирија во шестдневната војна во 1967 година и ја анектираше во 1981 година. Анексијата не е меѓународно призната. Израел продолжува да ја окупира територијата.
Во разговор за телевизијата Фокс њуз, сирискиот шеф на државата рече дека „ситуацијата во Сирија е различна од ситуацијата на земјите кои го потпишаа Абрахамовиот договор“.
„Сирија граничи со Израел, а Израел ја окупира Голанската висорамнина од 1967 година. Ние нема да влеземе директно во преговори во моментов. Можеби администрацијата на Соединетите Држави со претседателот Трамп ќе ни помогне да постигнеме ваков вид преговори“, изјави тој.
Ал-Шара стана првиот сириски шеф на држава кој беше примен во Белата куќа од независноста на земјата во 1946 година.
Израел и Сирија официјално се во војна од 1948 година. Мировен договор никогаш не е потпишан.
Од падот на долгогодишниот владетел Башар ал-Асад во декември 2024 година, израелската војска постави воени позиции на сириска територија по должината на границата и изврши воздушни напади врз складиштата со оружје. Израел, исто така, распореди дополнителни трупи на Голанската висорамнина, централна точка на спорот, по падот на ал-Асад и оттогаш ги засили воздушните напади во Сирија со цел да се спречи оружјето на Дамаск да падне во рацете на екстремистите.
