Јавното здравство многу зема, малку дава- истражување на Центарот за граѓански комуникации
Трошоците за јавни набавки во здравството во последните 10 години се зголемиле два и пол пати, односно од 1261 милиони евра во 2015 на повеќе од 3152 милиони евра во 2024 година, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) од каде што констатираат дека овој раст се случува во услови кога граѓаните постојано изразуваат незадоволство од квалитетот и од достапноста на здравствените услуги.
„Очигледната несразмерност помеѓу трошењето и квантитетот и квалитетот на услугите го засилува впечатокот дека јавните набавки не се реален одраз на потребите и интересите на граѓаните и дека дополнително ги потхрануваат недовербата и сомнежите за корупција“ се наведува во истражувањето.
Во периодот 2021 – 2024 година инфлацијата влијаела врз цените на опремата, услугите и градежните работи. Најголем раст на вредноста на јавните набавки е воочен кај клиниките и болниците. Кај нив, за десет години, тројно била зголемена вредноста на тендерите, покажува истражувањето.
„Но, наместо повеќе услуги и подобра грижа, граѓаните се соочуваат со поинаква реалност – тендерите растат, а работата на болниците и клиниките се намалува. Во периодот 2015 – 2024 година, бројот на прегледи во вкупно 55 клиники и болници е намален за 14 %, а на болнички денови за 24 %. Овој јаз отвора сериозни сомнежи дека јавните набавки се користат како канал за финансиско извлекување средства, наместо како инструмент за унапредување на здравствената заштита“, пишува во истражувањето од Центарот.
Растечките трошоци за јавни набавки не можат да се оправдаат ниту со специјалистичките прегледи. Па така, во последните три години бил евидентиран пад на специјалистичките прегледи за околу 700.000, односно за 19 %. Намалувањето на бројот на здравствените услуги во гинекологијата и акушерството, како и во трансфузионата медицина, надминува 60 отсто.
Дури 78 % од договорите за јавни набавки се склучени од јавните здравствени установи во Скопје, а големиот раст на вредноста на јавните набавки во здравството е проследен со сè помал број понудувачи на тендерите. Во истражувањето се посочува дека речиси половина од вредноста на договорите се склучуваат во тендерски постапки во кои имало само по еден понудувач.
„Тендерите за набавка на реагенси и тестови во најголем дел се само формалност, бидејќи се спроведуваат за веќе одбран апарат, што значи дека, уште пред да почне постапката, јасно е кој ќе го добие тендерот. Апаратите се претходно добиени како донација, земени на користење од фирми кои продаваат реагенси или, пак, купени. Набавките на реагенси и тестови на годишно ниво достигнуваат и до 29 милиони евра и се зголемиле за 81 % во периодот на анализа“, пишува во истражувањето.
Понатаму се наведува дека двогодишните тендери за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи и сензори за мерење гликемија, вредни и до 39 милиони евра, се спроведуваат во постапки во кои отсуствува конкуренција, а дополнително склучените договори се анексираат. За период од 10 години, бројот на пациенти на инсулинска терапија е зголемен за 21 %, а вредноста на договорите за 77 %.
Тендерите за вакцинацијата на населението се финансиски сè поголеми, а набавките во одредени години се проследени со слабости – од планирање до неуспех да се склучат договорите навреме.
„Трошоците за лекови за ретки болести во последната декада скокнале од 90 милиони денари на 1 милијарда денари (или од 1,5 на 19 милиони евра). Овој голем пораст се случува во услови кога Државниот завод за ревизија укажува дека Министерството за здравство нема целосни податоци за тоа дали терапиите навистина ја подобруваат здравствената состојба на пациентите. Причината е што за поголемиот дел од болестите за кои се набавуваат лекови не се спроведува евалуација, како што е предвидено со Програмата за лекување ретки болести“, пишува во истражувањето.
Истражувањето исто така открива дека од 110 здравствени институции, дури во 23 нема ниту едно лице со положен испит за јавни набавки, што е спротивно на Законот за јавни набавки.
