Саркози вели дека затворот е „кошмар“, обвинителите бараат негово ослободување
Поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, денеска (10 ноември)изјави дека неговиот престој во затвор е „многу тежок и исцрпувачки“, за време на сослушувањето за неговото барање за пуштање на слобода пред Апелациониот суд во Париз.
Саркози на 21 октомври почна да ја издржува петгодишна затворска казна затоа што со криминално здружување ја финансирал претседателската кампања во 2007 година со средства од Либија.
„Тешко е, многу е тешко, како што е сигурно за секој затвореник, би рекол дека е исцрпувачки“, изјави Саркози и им се заблагодари на затворските службеници кои, како што додаде, „ја направија оваа ноќна мора поднослива“.
Саркози на рочиштето се приклучи преку видео-повик, заедно со двајца од своите адвокати.
Канцеларијата на јавниот обвинител денеска побара негово пуштање на слобода под судски надзор.
Државниот обвинител Дамијен Брун изјави дека „ризиците од договарање и вршење притисок врз сведоци ги оправдуваат барањата за ставање под судски надзор“ и побара барањето на Саркози за пуштање на слобода да се одобри.
Осудата на Саркози стави крај на долгогодишните правни битки околу обвинувањата дека неговиот изборен штаб зел милиони во готово од либискиот лидер Моамер Гадафи, кој подоцна беше соборен и убиен за време на Арапската пролет, во 2007 година.
Иако Саркози беше прогласен за виновен за заговор со блиски соработници за организирање на шемата, тој беше ослободен од обвинението за лично примање или користење на средствата.
Одлуката за затворање на поранешниот претседател предизвика негодување кај политичките сојузници на Саркози и крајната десница.
Пресудата одразува промена во пристапот на Франција кон таканаречениот криминал на „белите јаки“. Во 1990-тите и 2000-тите, многу осудени политичари целосно го избегнуваа затворот.
