Вашингтон ја претстави нацрт-резолуција за планот на Трамп за Газа пред партнерите во ОН
САД им презентираа на земјите-партнери во Советот за безбедност на ОН нацрт-резолуција со која се бара поддршка на мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа, кој предвидува и распоредување на меѓународни стабилизациски сили, соопшти американската мисија во Обединетите Нации.
Амбасадорот на САД во ОН, Мајк Валц, собра десет членови на Советот и неколку регионални партнери - Египет, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Турција - за да разговараат за нацрт-резолуцијата, објави АФП.
Портпаролот на американската мисија изјави дека Вашингтон покажува „регионална поддршка“ за предложениот текст.
Иако датумот на гласањето сè уште не е одреден, нацрт-резолуцијата „го поздравува формирањето на мировен совет“ со кој претседава Трамп, кој би ја надгледувал преодната влада во Газа.
Документот „исто така ги овластува Меѓународните сили за стабилизација“ (ISF) наведени во мировниот план на Трамп од 20 точки, изјави портпаролот на американската мисија.
Неколку земји, вклучувајќи ја и Индонезија, веќе изразија подготвеност да учествуваат во овие сили, но инсистираат на мандат од Советот за безбедност на ОН пред да испратат војници на палестинската територија, соопштија дипломатски извори.
„Благодарение на храброто водство на претседателот Трамп, САД повторно ќе постигнат резултати во ОН, а не бескрајни дискусии“, изјави портпаролот на американската мисија.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, кон крајот на октомври изјави дека е оптимист во врска со претстојното распоредување на меѓународни сили во Газа, додавајќи дека Вашингтон би можел да побара мандат од ОН за нивното дејствување.
Стабилизациските сили се предвидени со договорот од 10 октомври со кој се постигна примирје меѓу Израел и палестинското движење Хамас (кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација) по двегодишна војна, предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Според условите на тој договор, силите би се состоеле од коалиција од арапски и муслимански земји, распоредени во Газа за да ја надгледуваат безбедноста за време на повлекувањето на израелската армија.
Шефовите на дипломатиите на Јордан и Германија минатата недела нагласија дека меѓународните сили мора да имаат јасен мандат од Обединетите Нации.
„За овие стабилизациски сили ефикасно да ја извршат својата мисија, сите се согласуваме дека тие мора да имаат мандат од Советот за безбедност“, изјави јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман Сафади, на конференција во Манама, главниот град на Бахреин, заедно со неговиот германски колега Јохан Вадефул.
Вадефул ја поддржа идејата за мандат врз основа на меѓународното право, истакнувајќи дека тоа е „многу важно за земјите што сакаат да ги испратат своите војници во Газа, но и за Палестинците“.
