ДИК ги објави конечните резулати за градоначалници во 29 општини и Град Скопје
Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 155 седница ги објави официјалните резултати од вториот круг на Локалните избори 2025 за избор на градоначалник во 29 општини и град Скопје, додека за три општини - Брвеница, Карпош и Шуто Оризари има приговори.
„Во врска со овие приговори Државната изборна комисија ја известува јавноста дека ќе постапува на јавна седница во законскиот рок денеска со почеток во 14 часот“, рече претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Тој додаде дека до ДИК има поднесено и три приговори за гласањето за избор на членови на Советот во Општина Шуто Оризари, каде што имаше прегласување спроведено на 2 ноември 2025 година и тоа на трите избирачки места.
„Поради тоа објавувањето на конечните резултати од гласањето за Советот на Општина Шуто Оризари нема да бидат објавени денеска, ќе се чека по постапувањето на приговорите на седницата на Државната изборна комисија, а потоа и по одлучување на евентуални тужби пред Управниот суд“, рече Кондарко.
Локалните избори се одржаа на 19 октомври и 2 ноември. Според резултатите од двата круга на локалните избори, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи во 54 општини и Град Скопје.
Втора по бројот на освоени градоначалнички места е коалицијата ВРЕДИ со девет. Коалицијата на СДСМ ќе има шест градоначалници, НАИ 4, а Движење ЗНАМ и Унијата на Ромите, по еден градоначалник.
Две општини ќе ги водат независни кандидати.
