ru24.pro
World News in Macedonian
Ноябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8
9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30

Новата стратегија за образование до крајот на годината

0

Остануваат уште неколку чекори до усвојувањето на конечната Стратегија за образование 2026-2032, која пет месеци е во процес на креирање, соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска на втората работилница за изработка на новиот документ, на која учествуваа претставници од институции и од домашни и меѓународни партнерски организации – УНИЦЕФ, ГИЗ, УНДП и Светска банка.

Стратегијата за насоката на македонското образование во наредните шест години, посочи Јаневска, треба да ја засили поддршката за наставниците и да го поттикне развојот на нивните компетенции за современа настава според глобалните образовни трендови и стандарди.

Се очекува таа да донесе подобар квалитет во високото и во средното стручно образование, поголема инклузивност, едносменска настава, дигиталната писменост, грижа за менталното и физичкото здравје на младите итн.

„Владата останува фокусирана на сите промени што мора да се случат до конечната цел, затоа што алтернатива за нас не постои“, рече министерката Јаневска во своето обраќање.

Во изминатите месеци откако е почнато креирањето на стратегијата слушала, како што рече, сугестии, предлози и решенија на актуелни предизвици. Укажа и дека по усвојувањето на документот „ќе следува потешкиот дел -почитување на пишаното, односно имплементација и мерење на постигнувањата“.

„За нешто попуштав, некаде не отстапував од личните убедувања и визијата што ја имав кога почнав да раководам со ресорот. Останува конечно да ја привршиме стратегијата, да ја донесеме до крајот на годината и од следната година да почнеме со забрзана, тешка работа за која резултатте треба да ги очекуваме на среден рок“, изјави Јаневска.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Лесли Милер, посочи дека новата стратегија е можност да се обликува она што е следно, „но не само како еден убав документ, туку и во училниците, заедниците и во животот на децата“.

За директорот на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) Давид Оберхубер е многу важно стратегијата што ќе се усвои да биде применета и да не заврши во фиока.

Бојана Нацева, претставничката на Светска банка, исто така укажа на потребата да се одговори на барањата на новото време и да се креираат продуктивни работни места за кои се смета дека најмногу ќе доведат до намалување на сиромаштијата и ќе го зголемат просперитетот на луѓето.

Образовниот систем во земјата е тема на чести јавни критики. Неколку министри за образование и во минатото воведуваа реформи за подобрување на квалитетот на образованието, но меѓународните релевантни тестирања во последните неколку години покажуваат пад на квалитетот на образовниот процес и слаби резултати на учениците.