ru24.pro
World News in Macedonian
Ноябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8
9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30

Грузија отвори нови кривични постапки против Сакашвили и други опозиционери

0

Канцеларијата на обвинителството на Грузија во четврток отвори серија кривични случаи против водечки опозициски политичари, вклучувајќи го и затворениот поранешен претседател Михаил Сакашвили, само два дена откако Европската унија ја критикуваше земјата за нејзиното назадување во демократските реформи.

Главниот обвинител Гиорги Гваракидзе на прес-конференција ги објави обвинувањата против опозиционерите, кои вклучуваат саботажа, помагање и поттикнување непријателски настроени активности кон државата и повикување на соборување на владата.

Владејачката партија Грузиски сон, која е на власт од 2012 година, минатата недела најави дека ќе поднесе тужба до Уставниот суд со која ќе бара забрана за три опозициски групи бидејќи наводно претставувале „вистинска закана за уставниот поредок“.

Доколку бидат осудени, на осумте обвинети опозиционери – Елена Коштарија, Зураб Џапаридзе, Гиорги Вашадзе, Ника Гварамија, Ника Мелија, Мамука Хазарадзе, Бадри Џапаридзе и Сакашвили, им се заканува затворска казна до 15 години.

Сите обвинети веќе се во затвор за други обвиненија, освен Хазарадзе и Бадри Џапаридзе.

„Прорускиот режим денес ги прогонува не само политичарите, туку и европскиот пат на Грузија. Отпорот ќе продолжи по секоја цена. Решени сме да се бориме за мирни политички промени со сите законски и политички средства“, изјави опозициската коалиција „Силен сон“ откако беа објавени обвиненијата.

„Сериозно назадување на демократијата“

Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, презентирајќи го годишниот извештај за напредокот на кандидатките за членство, во вторникот изјави дека Грузија е кандидатка „само по име“ поради „сериозно назадување на демократијата“.

Владејачката партија Грузиски сон ги отфрли тврдењата на Кос, обвинувајќи го Брисел за мешање во внатрешните работи на земјата.

Според главниот обвинител Гваракидзе, Сакашвили е обвинет според членот 317 од Кривичниот законик односно за поттикнување на извршување незаконски дејствија, што носи казна до три години затвор.

Сакашвили, кој ја водеше Грузија од 2004 до 2013 година, отслужува затворска казна за разни прекршоци, вклучително и злоупотреба на службената должност. Се очекува тој да остане во затвор до 2034 година.

По поранешниот претседател во Грузија некои го воспеваат, други го критикуваат сметајќи го за непредвидлив и авторитарен. Неговите критичари го обвинуваат и за кратката војна на Грузија со Русија во 2008 година, која заврши со губење на контролата врз два региона – Абхазија и Јужна Осетија.

Останатите обвиненија против опозициските политичари вклучуваат давање информации на странски претставници за увозот на нафта и воените активности на Грузија, организирање протести и обид за „радикализирање“ на демонстрациите по парламентарните избори во 2024 година, за кои опозицијата тврди дека биле наместени.

Односите на Грузија со ЕУ се влошија откако Тбилиси минатата година донесе анти-ЛГБТ закон и таканаречен закон за „странски агенти“.

Релациите дополнително се влошија по парламентарните избори во октомври 2024 година, на кои партијата Грузиски сон ја задржа власта. Владејачката партија потоа одлучи да ги прекине преговорите за пристапување во ЕУ, додека продолжи да води политики што многумина, вклучително и Брисел, ги сметаат за пријателски настроени кон Русија.

Од изборите, во Тбилиси секојдневно се одржуваат протести, а истите се интензивираа откако власта објави прекин на преговорите со ЕУ.