Европа ќе се поврзува со брзи железници до 2040 година
Европската комисија претстави два нови плана за намалување на емисиите на јаглерод во транспортниот сектор – преку проширување на мрежата на брзи железници и зголемување на производството на одржливи горива за авијацијата и поморството.
Како што пренесува АФП, првиот план предвидува до 2040 година да се поврзат европските престолнини со брзи железнички линии, преку модернизација на постојните и изградба на нови траси. Така, патувањето од Берлин до Копенхаген би се скратило од седум на четири часа, а од Атина до Софија од речиси 14 на само шест часа.
Брисел планира да ги отстрани пречките за прекуграничен железнички сообраќај преку усогласување на билетните системи и поттикнување конкуренција за пониски цени. Европската комисија ќе ги обедини земјите членки, железничките оператори и финансиските институции за координација на инвестициите, кои се проценуваат на најмалку 345 милијарди евра до 2040 година.
„Ова е важен прв чекор кон вистинска трансевропска железничка мрежа“, изјави Алберто Мацола, директор на Заедницата на европски железници, нагласувајќи дека Европа треба да премине од изолирани брзи линии кон интегрирана континентална мрежа.
Покрај железницата, Комисијата усвои и план за зголемување на производството на одржливи горива за авионски и поморски транспорт, поддржан со речиси три милијарди евра. Целта е забрзување на преминот од пилот-проекти кон индустриско производство на нискојаглеродни алтернативи, особено е-горива создадени со декарбонизирана електрична енергија.
Организацијата „Transport and Environment“ оцени дека планот содржи „ветувачки чекори“ кон декарбонизација на транспортот, но предупреди дека Унијата мора брзо да ги спроведе мерките доколку сака да го задржи водството во технологијата за е-горива.
