ru24.pro
World News in Macedonian
Ноябрь
2025
1 2 3 4
5
6
7
8
9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30

Орце Ѓорѓиевски победи во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ слави во уште 21 општина

0

ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа на Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Градот Скопје, како и во уште 21 друга општина во вториот круг од локалните избори за градоначалник што се одржаа денеска, 2 ноември, во Северна Македонија.

Партискиот лидер и премиер, Христијан Мицкоски, на прес-конференција објави победа на владејачката партија и во: Карпош, Аеродром, Чучер Сандево, Брвеница, Валандово, Дојран, Крушево, Кочани, Лозово, Могила, Македонски Брод, Росоман, Ранковце, Неготино, Чешиново-Облешево, Виница, Дебарца, Конче, Демир Капија, Пробиштип и Кичево.

Мицкоски во обраќањето најмногу внимание посвети на победата во Кичево, каде нивниот кандидат Александар Јовановски го победи Фатмир Дехари од ДУИ, којашто на овие локални избори ја предводеше коалицијата НАИ.

„Таму соработувавме различни вери, различни припадности против оние кои ги влечеа народот надолу. Ова ја отвора вратата дека можеме да се обединиме, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати. Муслимани и христијани, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите околу вредностите и онаа политика што им е потребна на граѓаните. Победи соживотот и вербата во вредности. Ова е важен пример, колку можеме да постигнеме кога сме обединети. Победи идејата дека Македонија е дом за сите“, рече Мицкоски.

Претходно, владиниот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) прогласи победа во четири општини. Тетово, Боговиње, Дебар, Долнени, како и Струга каде коалицијата ја поддржа независната кандидатура на бизнисменот Менди Ќура.

Опозицискиот СДСМ, пак, во вториот круг од изборите прогласи победа на неговите кандидати во Центар, Македонска Каменица и Зрновци.

По еден градоначалнички мандат во вториот круг освоија НАИ во Студеничани, ЗНАМ во Куманово и Унијата на Роми во Шуто Оризари.