ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2025

Последни подготовки на ДИК пред вториот изборен круг

0

Вкупно 1 013 357 избирачки ливчиња за гласањето на вториот круг на Локалните избори 2025 се дистрибуираат низ државата. Од Државната изборна комисија (ДИК) велат дека дистибуцијата на избирачкиот материјал се одвива без никакви проблеми.

На 2 ноември ќе се бираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје.

Во сабота гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии.

Локалните избори, според информациите на ДИК, ќе ги следат 1 569 набљудувачи, од кои 904 домашни и 651 меѓународни, а акредитирани за известување од изборите се и 14 странски новинари.

Поради недоволен цензус на првиот круг од локалните избори, во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше – ќе се спроведе нова изборна постапка за избор на градоначалници. Гласањето, согласно Изборниот Законик, нема да се одржи во недела, туку во рок од 60 дена од конечните резултати од Локалните избори 2025.

Во првиот изборен круг од Локалните избори 2025 беа избрани градоначалници во 44 општини, како и нови членови на советите во сите општини, освен во Шуто Оризари каде ќе има прегласување за Советот на три избирачки места.

Во четирите општини, поради непостигнат цензус, ќе има нови избори и целата постапка ќе се повтори од почеток до крај – од распишување избори, поднесување кандидатури, водење кампања, до гласање. Најверојатно денот на гласање би бил во првата половина од јануари 2026 година.

При новото гласање во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, нема да се „брка“ цензус од една третина излезност бидејќи Изборниот законик во меѓувреме е изменет со што овој услов се отстрани.