Божиновска - Јоксимовиќ: Гасниот интерконектор Северна Македонија - Србија е од стратешка важност за енергетска стабилност на регионот
Изградбата на гасниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Србија, кој треба да придонесе за енергетската безбедност и диверзификација на снабдувањето со гас во регионот, беше во фокусот на денешната средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со помошничка министерка за рударство и енергетика на Србија, задолжена за меѓународна соработка и европска интеграција, Јована Јоксимовиќ.
Средбата се одржа во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој, кој веќе втор ден се одржува во Скопје.
И двете министерки го споделија ставот дека проектот треба да се реализира во забрзана динамика, за да се овозможи поврзување на гасните системи на двете земји и пристап до нови извори на гас, соопшти Министерството за енергетика, рударско и минерални суровини.
На маргините на форумот дополнително се одржа и работен состанок на кој се дискутираше координацијата на институциите и операторите во двете земји за реализација на проектот. Биле разгледани процедурите и техничките чекори за понатамошно убрзување на активностите.
„Гасниот интерконектор со Србија е еден од најважните регионални инфраструктурни проекти што ќе овозможи вистинска енергетска стабилност и сигурност. Овој проект не е важен само за Македонија и Србија – тој е значаен и за цела Европа. Со оваа нова енергетска врска, двете земји добиваат пристап до алтернативни извори и рути, а Европа добива посилен и подобро поврзан Балкан. Ова е чекор што ја позиционира нашата земја како активен и одговорен партнер во новата енергетска карта на Европа. Нашата заедничка цел е овој проект да се реализира во најкраток можен рок – затоа што секој ден е важен за нашата енергетска иднина. Со заеднички напори ќе го реализираме овој проект, во тесна координација и постојана комуникација со нашите партнери од Србија“, изјави Божиновска.
Јоксимовиќ порача дека заеднички ќе работат интерконекторот да стане реалност во најскоро време. Истакна дека гасниот интерконектор со државава е проект кој има значење, како што рече, подалеку од нашите граници.
„Тој е дел од визијата за регион кој е енергетски поврзан, сигурен и усогласен со европските цели. Србија и Северна Македонија заедно покажуваат дека со партнерство и заедничка стратегија можеме да обезбедиме стабилна и предвидлива енергетска иднина. Соработката меѓу нашите две земји во областа на енергетиката е пример како регионалното партнерство може да донесе конкретни резултати. Соработката со колешката Божиновска и со македонскиот тим е интензивна и исклучително конструктивна. Уверена сум дека со заедничка координација и поддршка на нашите оператори ‘Србијагас’ и ‘Номагас’, ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји. Имаме јасна динамика, завршени студии и поддршка од европските институции. Следниот чекор е координирана акција за изградба“, изјави Јоксимовиќ.
Со гасниот интерконектор Србија – Македонија треба да се овозможи двонасочна врска за транспорт на природен гас меѓу двете држави, што ќе значи пристап до нови извори на снабдување.
По Меморандумот за разбирање за изградба на интерконекторот, што го потпишаа двете влади, таков документ потпишаа и националните оператори „Србијагас“ и „Номагас“, а со цел забрзување на реализацијата на проектот.
Гасоводот е во должина од 70 километри, од кои 47 во Србија, а 23 во државава.Кај нас ќе биде поврзан со постојниот гасовод кај Клечовце, а во Србија со гасоводот во Врање. Проектот претставува стратешка енергетска врска што треба да овозможи диверзификација на изворите на гас, поголема енергетска сигурност и регионална интеграција на гасните пазари.
Изградбата на интерконекторот повторно се актуелизира во македонската јавност, откако Европската унија воведе нови санкции кон Русија.
Советот на Европската Унија го поддржаа предлогот за укинување на увозот на рускиот природен гас од 1 јануари 2026 година, но дека ќе има преоден период за склучените договори од 1 јануари 2028година.
Северна Македонија има долгорочен договор за набавка и е целосно зависна од рускиот гас, кој доаѓа преку Бугарија. Претходно, Божиновска рече дека нема простор за паника и дека во случај и да не работи, нема да останеме без гас, бидејќи ќе има решение на ниво на ЕУ.
