Пет илјади случаи на мозочен удар годишно, не се поштедени и децата
Околу 5000 нови случаи со мозочен удар годишно има во државава и ниту една возраст не е поштедена, па дури ни децата, алармира проф. д-р Анита Арсовска, шеф на одделот за ургентна неврологија при Универзитетската клиника за неврологија. Токму на Клиниката, а по повод 29 октомври, Светскиот ден на мозочен удар, на граѓаните денеска (28 октомври) им се врши бесплатен доплер на каротидни артерии, во рамки на отворениот ден на Клиниката.
Докторката објаснува дека кога некој има мозочен удар, најважни се времето и брзото препознавање на симптомите како што се одземен говор, искривување на лицето, парализа на едната страна од телото односно на раката или на ногата. Во такви случаи пациентот треба да се донесе во најблиската здравствена установа што побрзо, односно на Клиниката за неврологија, каде доколку се работи за исхемичен мозочен удар во првите три до четири ипол часа од почетокот на симптомите може да се аплицира интравенска тромболиза. Во некои случаи, појасни таа, може да има главоболка, нестабилност, проблеми со гледањето и слично.
„Мажите на возраст од 60 до 69 години се позасегнати, но како се зголемува возраста жените почесто страдаат од срцеви заболувања и атријална фибрилација, така што во повозрасната група жените се позасегнати за добијат мозочен удар. Споредено со последните неколку години не може да се каже дека е поместена границата, меѓутоа е интересно дека класичните фактори на ризик се присутни и кај помладата популација на возраст под 45 години“, истакна д-р Арсовска одговарајќи на новинарско прашање.
Во однос на дијагностиката на мозочните удари, директорот за неврологија, д-р Божиновски посочи дека имаат соработка и со Институтот за радиологија, но со оглед на бројот на пациенти не секогаш протокот на пациенти односно добивањето резултати е брз и едноставен.
„Во таа насока веќе има идеја да се набави магнет кој ќе биде за Клиниката за неврологија. На тој начин би се подобрил квалитетот на добивањето услуги и би се растоварил и Институтот, бидејќи тие пациенти кои бараат магнетна резонанца сега единствено се снимаат само таму. Јас сум само две недели на оваа функција и после вториот круг од локалните избори ќе разговараме со министерот за здравство доколку има можност да се набави и тоа би било заокружување на тој еден процес на дијагностика на нашите пациенти“, додаде Божиновски.
Според д-р Арсовска, зголемениот крвен притисок е најчест причинител за мозочен удар, а тука се вбројуваат и зголемите вредности на шеќер во крвта, маснотии, заболувањата на срцето, крвните садови, пушењето, стресното живеење, аерозагадувањето.
