Владата го усвои Предлог - буџетот за 2026 година
Владата го усвои Предлог-буџетот за 2026 година, со којшто економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.
Министерката за финансиии, Гордана Димитриеска Кочоска, на прес-конференција во Владата рече дека вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари, а вкупните расходи изнесуваат 413,9 милијарди денари.
Проекцијата за капиталните инвестиции е на износ од 40,5 милијарди денари (650 милиони евра).
„Капиталните проекти треба да бидат главен двигател на економскиот раст догодина, а позитивен раст се очекува и од приватните инвестиции со уште позабрзано темпо имајќи го предвид интересот за поволната кредитна линија за компаниите, како и приватната потрошувачка поддржана од растот на платите и пензиите“, рече Димитриеска Кочоска.
Фискалната политика за 2026 година, според министерката за финансии, ќе биде насочена кон одржување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност.
„Ќе продолжиме со мерки за намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи. Буџетот ќе се темели на реални проекции – приходите ќе се планираат според реалните можности, а расходите ќе бидат насочени кон стратешки приоритети. Ќе се намалуваат несуштинските расходи, а поддршката за граѓаните и стопанството ќе се спроведува по јасни критериуми и со засилен мониторинг“, рече Димитриеска Кочоска.
