Таткото кој нападна двајца младински фудбалери на Брегалница доби 11 месеци затвор
Таткото од Скопје кој на натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови Брегалница и Шкупи, нападна двајца 15 годишни фудбалери доби казна затвор од 11 месеци.
Инцидентот се случи на натпревар во август во Штип. Двајцата нападнати фудбалери играа за тимот на Беласица, додека синот на скопјанецот кој го изврши насилството играше за Шкупи.
Судскиот процес се водеше пред Основниот суд Штип, а на таткото му се судеше за кривичното дело насилство. Пресудата, за која судот информираше на 27 октомври, не е правосилна односно странките имаат право на жалби до штипскиот Апелациски суд.
За настанот, Основното јавно обвинителство во Штип поведе постапка веднаш по натпреварот.
„Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на Брегалница, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, информираше Обвинителство по отворањето на постапката.
Инцидентот се случи во 89-тата минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок (фаул) доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на таткото што го изврши нападот.
Според описот на настаните од Обвинителството, првично неспортски изреагирал синот фудбалер кој со тупаници и удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница.
„Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, посочи Обвинителство.
Покрај постапката пред судот, за инцидентот реагираше и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) која донесе неколку дисциплински мерки.
На фудбалерот на Шкупи, чијшто татко денеска беше осуден, му е изречена најстрогата санкција – исклучување од фудбалска организација. За уште двајца младински играчи на Шкупи, кои беа вклучени во инцидентот, беше изречена казна забрана на играње во траење од три месеци. Казна да не игра четири натпревари заработи и 15-годишен фудбалер на штипска Брегалница, којшто се впуштил во груба игра и самозаштита при нападот.
Исто така, организаторска и колективна одговорност се бараше и од двата клуба – од Шкупи заради нападот на родителите врз противнички играчи, а од Брегалница заради слабата организација на натпреварот и пропуст во обезбедувањето.
