Двајца полицајци уапсени за разбојништво во златарница во Гостивар
Двајца полицајци се уапсени за разбојништво во златарница во Гостивар на 10 октомври кога биле одземени 18 килограми злато.
Полицајците, како што денеска (27 октомври) информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар, се гонат како соизвршители во делото.
Станува збор за двајца полицајци од ОВР Кичево, кои заедно со други засега непознати лица, на 10 октомври влегле во златарницата и со закана со оружје го украле златото.
Полицајците, како што тврди Обвинителството, се договарале и направиле план за грабежот заедно со соучесниците по кои полицијата сè уште трага. Во извршувањето на делото користеле и службено полициско возило.
„Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа било пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото било пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар“, велат од ОЈО Гостивар.
За двајцата полицајци се бара од судот мерка притвор поради опасност од бегство и можност за попречување на истрагата со прикривање на докази и влијание врз сведоци.
