Власта на Санчез слабее - ја губи поддршката од каталонската партија
Левичарската малцинска влада на премиерот Педро Санчез во Шпанија губи еден од своите сојузници во парламентот, што го става во опасност опстанокот на неговата администрација.
Партијата „Заедно“ на каталонскиот сепаратистички лидер Карлес Пуџдемон одлучи да се откаже од договорот за поддршка на Социјалистичката партија (PSOE) на Санчез, потврдија од партијата за агенцијата ДПА.
Управувачкиот одбор на партијата, кој број 50 члена, одлуката ја донел едногласно на состанок што се одржал во Перпињан во Франција, објавија неколку шпански медиуми вклучително и државната телевизија.
Одборот се состанал во Франција, а не во Шпанија, бидејќи сè уште се не се повлечени налозите за апсење на неколку партиски членови, вклучувајќи го и Пуџдемон.
Партиската база на каталонската партија треба да ја одобри оваа одлука за откажување на поддршката за владата на Санчез. Гласањето треба да се одржи во среда и четврток, но со оглед на едногласноста во управувачкиот одбор, извесно е дека одлуката ќе биде потврдена.
Без гласовите на седумте пратеници на „Заедно“ во парламентот во Мадрид, левичарската влада на Шпанија ќе нема мнозинство за да протурка закони, дури и ако има поддршка од други помали партии.
Според експертите, Санчез, кој е на власт од 2018 година, би можел да се соочи и со гласање за недоверба. Исто така е можно да бидат распишани и нови избори.
Како што пишува новинската агенција, постојат неколку причини за разидувањето на патиштата меѓу каталонската партија и премиерот Санчез. Една од нив е што, според ДПА, поради германско противење не успеале плановите за признавање на каталонскиот јазик како официјален во ЕУ, ветување кое наводно му го дал Санчез на Пуџдемон.
Друга причина е што не е спроведен до крај Законот за амнестија за каталонските сепаратисти. Иако откако минатата година тој стапи на сила, неколку протерани политичари можеа да се вратат во Шпанија без проблеми, шпанските судиите сè уште не ги повлекуваат налозите за апсење на Пуџдемон и неколку други политичари. Пуџдемон, кој е поранешен регионален претседател, живее во егзил од референдумот за независност на Каталонија што тој го иницираше во 2017 година.
