Хрватска изгласа воведување воен рок
Хрватскиот парламент го усвои Законот за измени на Законот за одбрана и Законот за служба во вооружените сили, со кој се воведува основна воена обука.
Откако законот ќ стапи на сила, Министерството за одбрана ќе донесе подзаконски акти што ќе овозможат да се спроведе обуката, објави Хрватска радиотелевизија (ХРТ).
„Целта на програмата е да се обучат младите луѓе за основни воени вештини со цел да се стекнат со знаења и способности потребни во кризни ситуации и со тоа да се придонесе кон националната безбедност. Обучените регрути стануваат важен дел од резервниот состав на вооружените сили на Република Хрватска и ја зајакнуваат одбранбената подготвеност на земјата“, соопшти Министерството за одбрана.
Планирано е годишно да се повикуваат по околу 4.000 регрути, поделени во пет генерации.
Во 2026 година, мажите – воени регрути родени во 2007 година – ќе бидат повикани на основна воена обука.
Регрутите постари од 19 години и помлади од 30 години можат да аплицираат и доброволно.
Жените не подлежат на регрутација, но можат доброволно да посетуваат основна воена обука.
Првите повици за медицински прегледи за воени регрути се очекуваат до почетокот на декември 2025 година.
