ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26
27
28
29
30
31

Инфлацијата според власта е поради геополитика, увоз и растот на плати

0

Министерството за економија и труд тврди дека континуираниот висок раст на цените во земјава е резултат на увозна инфлација предизвикана од геополитичките превирања и неизвесноста на меѓународните пазари. Според институцијата, притисок врз нивото на цените исто така доаѓа и од растот на пензиите и платите во јавниот, но и во приватниот сектор кој велат дека ја зголемува домашната побарувачка.

Иако енергетската криза е завршена, инфлацијата во земјава останува висока, на околу 4 отсто. Според Министерството за економија и труд, Северна Македонија како нето увозник на храна последиците од инфлацијата најсилно ги чувствува кај прехранбените производи и пијалоците, каде годишната стапка на инфлација во изминативе девет месеци е повисока од вкупната инфлација, освен во март и април, како што наведуваат, поради ограничувањата на цените на прехранбените производи.

„Не можеме да очекуваме инфлацијата веднаш преку ноќ драстично да се намали. Стабилизирањето на светските цени на енергијата и храната веќе придонесува за забавување на инфлацијата во земјата што е видливо во последните два месеци - инфлацијата во јули е 4.8 отсто, во август 4.4 и септември 4.0“, велат од Министерството во одговор за Радио Слободна Европа.

Но, и покрај намалувањето во последните два месеци, податоците на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека синдикалната минимална кошничка во последните четири години, откако започна енергетската криза, е зголемена за речиси 86 проценти.

Таа во декември 2021 година изнесувала околу 35.000 денари, а до септември годинава се зголемила на повеќе од 65.000 денари. Само во последните две години зголемувањето е 40 отсто, покажуваат податоцие.

Инфлацијата го полни буџетот преку ДДВ

Спротивно на тврдењата на власта, економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Институтот за економски истражувања во Виена во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела, вели дека континуираниот раст на цените во земјава е поради други причини.

Една причина според него се профитите на компаниите особено во трговојата на мало, но тој додава дека од виската инфлација корист има и Владата која значителен дел од државниот буџет го полни од Данокот на додадена вредност (ДДВ).

„Сега искрено мислам дека Владата намерно ја пушта инфлацијата затоа што таа им врши корисна функција, им го полни буџетот. Знаете криза, па треба да се исплаќаат, да се покачуваат пензии, избори, ова-она. Инфлацијата е добра затоа што таа важи и за данокот, скриен данок, растат цените на производите, расте ДДВ-то, приходите од ДДВ во буџетот и Владата има пари за трошење“, вели Јовановиќ.

Според него, растот на платите не може сам по себе да ја објасни сегашната инфлација, освен како што посочува, ако се мисли на платите на функционерите „кои си ги зголемија за 70 отсто без реален ефект врз економијата, додека останатите граѓани останаа со истите примања“.

Главните причини за инфлацијата според Јовановиќ се тоа што компаниите ги креваат цените по своја волја, како што вели дозволено од политичарите, додавајќи дека покачувањето на платите и пензиите не го следи реалниот животен стандард. Глобалните цени на храната се на ниво од пред пет години, додека македонските се за околу 50 отсто, повисоки, а платите се само една третина од европскиот просек, додека цените се приближно 70 отсто повисоки од европските, вели тој.

Иако Министерството за економија и труд наведува дека глобалните текови и увозот на храна ја креваат инфлацијата, премиерот Христијан Мицксоки изјави дека тековната инфлација главно произлегува од растот на платите и пензиите, кои како што рече ја зголемуваат домашната побарувачка, како и на засилената кредитна активност.

Тој во август рече дека најголем притисок врз инфлацијата во моментов вршат цените на услугите, а не храната и енергенсите, а најави и нов сет мерки за стабилизирање на цените, меѓу кои ограничување на државната потрошувачка и можни интервенции на Народната банка преку поскапување на кредитите, со образложение дека ограничувањето на трговските маржи не дало очекувани резултати.

Просечната плата во земјава во изминативе четири години е зголемена за околу 51 отсто, минималната околу 60, пензиите за околу 64 отсто, но и покрај тоа граѓаните се жалат дека центие стануваат европски, а платите не го следат тој тренд, со што се повеќе луѓе мораат да работат и втора работа.

Според податоците кои на 20 октомври ги објави Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, на македонската просечна бруто плата ќе ѝ требаат околу 40 години за да ја достигне европската.

Истражувањето покажува дека Северна Македонија би можела да го достигне просечниот европски стандард на живот за 56 години, но дека ако се случат клучни реформи, тој период би можело да се скрати.

„Нашата анализа покажа дека продуктивноста во Македонија изнесува околу 53 отсто од просекот во ЕУ, додека платите се само 33 отсто. Тоа значи дека платите треба да растат побрзо, а не обратно,“ вели тој.

Најмногу поскапувања кај храна, алкохол и услуги

Според Министерството за економија и труд, растот на трошоците за живот на годишно ново според податоците до септември најмногу се одразил кај неколку категории:

Највисоко поскапување е забележано кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците - 8,95 отсто, при што поткатегоријата тутун пораснала за 11,15 отсто.

Следуваат рекреацијата и културата - 6,95 отсто, со особено високо зголемување на услугите за култура од 13,68 проценти, како и транспортот - 5,71 отсто, каде поткатегоријата транспортни услуги поскапела за 12,87 отсто.

Раст бележат и мебелот, покуќнината и одржувањето на домаќинствата - 5,04 отсто, како и храната и безалкохолните пијалаци - 4,28 проценти, при што цените на кафе, чај и какао се зголемиле за дури 30,77 проценти.