ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26
27
28
29
30
31

Трамп: Сите трговски преговори со Канада се прекинати

0

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп изјави во четвртокот дека сите трговски преговори со Канада се прекинати поради, како што наведе, лажен оглас во кој поранешниот претседател Роналд Реган негативно зборува за царините.

„Врз основа на нивното невидено однесување, сите трговски преговори со Канада со ова се прекинуваат“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Канадската покраина Онтарио вложи 75 милиони долари во емитување нови реклами против царините во САД, наменети првенствено за републиканските гласачи.

Рекламата користи аудио-снимка од обраќање на поранешниот американски претседател Роналд Реган од 1987 година, во кое тој зборува дека царините на долг рок не функционираат и предизвикуваат губење на работни места и трговски војни.

Емитувањето опфаќа телевизиски станици како Fox News, Fox Sports, NBC, CBS, CNBC, ESPN и ABC, пишува Ројтерс.

Премиерот на Онтарио, Даг Форд, изјави порано оваа недела дека рекламниот оглас со пораки против царините го привлекол вниманието на Трамп.

„Чув дека претседателот ја видел нашата реклама. Сигурен сум дека не беше премногу среќен“, рече Форд во вторникот.

Во врска со овој случај се огласи и претседателската фондација на Роналд Реган, порачувајќи дека рекламата на владата на Онтарио „селективно користи аудио и видео“ материјали од Реган и дека фондацијата ги разгледува своите правни можности.

„Рекламата погрешно го претставува претседателското радио-обраќање, а владата на Онтарио ниту побарала, ниту добила дозвола за негово користење и уредување“, се наведува во соопштението на фондацијата објавено во четвртокот.

Како што наведува Ројтерс, Трамп ги користел царините како средство за притисок врз многу земји ширум светот.

Неговата „трговски војна“ ги зголеми американските царини на највисоко ниво од 1930-тите години, а тој редовно се закануваше со дополнителни царини, предизвикувајќи загриженост меѓу компаниите и економистите.

Канадскиот премиер Марк Карни им изјави на новинарите во четвртокот дека Канада нема да дозволи неправеден пристап на САД до своите пазари, доколку преговорите за различни трговски договори со Вашингтон пропаднат.

Трамп претходно оваа година воведе царини на канадскиот челик, алуминиум и автомобили, што ја поттикна Отава да одговори со иста мерка.

Двете страни веќе со недели преговараат за потенцијален договор за секторите на челик и алуминиум.

Следната година, САД, Канада и Мексико треба да го ревидираат својот континентален договор за слободна трговија од 2020 година, потсетува Ројтерс.