Почнува зимскиот ред на летање
Зимскиот распоред на летови за 2025/26 година стапува во сила викендов.
Од Меѓународниот Аеродром Скопјe ќе има поврзување до 49 редовни дестинации што ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании, како и 13 чартер дестинации на кои ќе сообраќа една авиокомпанија. Од Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, пак, се предвидени пет дестинации, на кои ќе сообраќаат три авиокомпании.
Двата македонски аеродрома ќе бидат поврзани со 10 нови дестинации во зимската сезона, што ќе трае до крајот на март следната година. Девет од нив ќе бидат управувани од авиокомпанијата Виз Ер, со субвенции од Владата. Тоа се летовите од Скопје до Бари и Стокхолм, што ќе започнат на 27-ми овој месец, а на истиот датум ќе започне и воздушната линија од Охрид до Базел.
На 28-ми октомври, главниот град првпат ќе се поврзе со Мадрид, која е една од најпосакуваните дестинации од страна на нашите патници. Истиот ден на распоредот за летање се враќа и линијата до Ларнака. Од 15 декември, Скопје ќе се поврзе првпат со Прага, а се враќа и линијата до Келн.
Од 30 март 2026 година двата аеродрома ќе бидат поврзани со уште три нови дестинации.
Од Меѓународниот аеродром во Скопје, Виз ер ја враќа редовната линија до Будимпешта, а истиот ден авиокомпанијата отвора нова дестинација за одмор во Италија – Неапол.
На 30 март 2026 година, Аеродромот Св. Апостол Павле од Охрид ќе биде поврзан со Милано. Десеттата нова дестинација е линијата од Скопјe до Женева, која ИзиЏет ќе ја врати на 3 ноември.
Од ТАВ Македонија велат дека нивниот тим за развој на мрежата на рути преговара со авиокомпании за воспоставување директни воздушни врски со Данска, Финска и Блискиот Исток.
Можности за воспоставување нови директни авиолинии се отвораат и со Договорот за редовен воздушен сообраќај со Велика Британија, што го потпишаа вицепремеирот и министер за транспорт Александар Николоски и англискиот министер за воздухопловство, поморство и декарбонизација Киер Метер на 23. месецов во Лондон.
Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид опслужиле 2.585.096 патници во првите девет месеци од годинава што е зголемување од шест проценти во споредба со истиот период минатата година. Во истиот период има зголемување и на бројот на летови - за три проценти во споредба со минатата година, односно на двата аеродрома се опслужени 20.141 лет од почетокот на годината до септември.
Топ - пет земји до кои има најмногу директни летови се Турција (25,1 процент пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Германија (24,7 проценти), Швајцарија (10,9 проценти), Италија (5,2 проценти) и Австрија(4,4 проценти).
