ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23
24
25
26
27
28
29
30
31

Родителите на деца со попреченост протестираа во Белград

0

Неколку стотици граѓани протестираа пред Владата на Србија во Белград барајќи итно внесување во собраниска процедура на предлог-законот „родител-негувател“.

Законот треба да обезбеди на родителите на деца со попреченост, пречки во развојот и хронични болести, надомест во висина на минимална плата, придонеси за пензија и работен стаж, односно статус кој би бил еквивалентен на статусот на згрижувач.

Собирот, организиран по повик на неформална група родители, беше поддржан од студентите кои се во блокада на високообразовните установи во Белград.

Од пред зградата на Владата, учесниците на протестот се упатија до Министерството за труд - јави агенцијата Бета.

На зградата на Министерството поставија транспаренти со своите барања, вклучувајќи го и итното ставање на предлог-законот „родител-негувател“ на дневен ред на Собранието на Србија.

Една од мајките на деца со попреченост изјави на протестот дека излегле на улица за да потсетат дека постојат и дека 800.000 семејства во Србија секојдневно се соочуваат со предизвиците на родителите кои се негуватели на своите деца.

„Дали пратениците знаат како е кога родителите не спијат по цели ноќи затоа што детето со аутизам не може да се смири, кога мајка мора да крене возрасно дете од количка, да го избања и облече? Нам ни требаат системски решенија и поддршка, како и институциите да си ја вршат својата работа, што го бараат и студентите“, рече таа.

Предлог-законот за родител-негувател повторно не беше ставен на дневен ред на Собранието на Србија изминативе денови.

За негово внесување на дневен ред гласаа само 36 од вкупно 250 пратеници.

Иницијативата за донесување на овој закон првпат беше поднесена во 2013 година.

Ваков статус пред неколку месеци, побараа и родителите на деца со попреченост во Северна Македонија. Како што и тогаш објави Радио Слободна Европа, тие преку петиција порачаа дека се исклучени од пазарот на труд, наведувајќи дека треба да се измени Законот за социјална заштита.