По кражбата во музејот, Лувр останува затворен и денеска
Музејот Лувр ќе остане затворен втор ден откако вчера крадци украдоа скапоцен накит од светски познатиот музеј во Париз.
„Музејот нема да се отвори денеска“, изјави претставник на музејот за агенцијата АФП.
Посетителите се известени дека музејот останува затворен поради „исклучителни околности“ и дека трошоците за сите посетители кои купиле билети за тој ден ќе бидат надоместени.
„Музејот е затворен цел ден“, им рече член на персоналот на посетителите.
Непосредно пред објавата, редици нетрпеливи посетители се пробиваа низ дворот на пирамидата на музејот и под сводовите на галеријата на главниот влез.
Керол Фукс, постара туристка од Соединетите Држави, стоеше во ред повеќе од еден час.
„Многу ми е жал за оној што беше на стража во таа просторија“, изјави таа за АФП откако крадците избегаа со скапоцени камења од галеријата Аполо во неделата на 19 октомври.
„Дали некогаш ќе бидат пронајдени? Се сомневам во тоа. Мислам дека одамна ги нема“, рече таа.
Францускиот претседател изјави дека се преземаат сите активности за фаќање на сторителите и враќање на експонатите, и дека целиот процес го води канцеларијата на парискиот обвинител.
Сторителите украле осум парчиња накит со речиси непроценлива вредност - брошеви, тијари и ѓердани со дијаманти и бисери од времето на Луј Четиринаесетти или француското кралство од 19. век. Историскиот накит бил изложен во две витрини во салата Аполо на првиот кат од јужното крило на Лувр. Сторителите до таму дошле преку балкон, до кој дошле со возило со подвижна платформа.
Претседателот Макрон истакна дека новиот проект за модернизација на Лувр, кој беше претставен во јануари, ќе овозможи зголемена безбедност и ќе гарантира зачувување и заштита на француската култура.