ССМ: Храната и облеката во октомври поскапеа за 500 денари во однос на септември
Над 65.544 денари му се потребни на четиричлено семејство за да ги покрие основните трошоци во октомври, покажа синдикалната минимална кошница. Месецов, според пресметките, бил поскап за 467 денари во споредба со претходниот.
Делот за храна и пијалоци бележи зголемување за 378 денари и изнесува 23.772 денари.
Поскапување има и кај облеката и обувките, станарината, а поевтинување бележи транспортот.
Доколку семејството живее под кирија, во стан од 60 квадрати, според синдикалната кошница, за да го помине месецот ќе му бидат потребни речиси 81 илјада денари.
Колку поскапел животот во последните четири години покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија, според кои синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство е зголемена за речиси 86 проценти.
Од околу 35.000 денари во декември 2021 година, минималната кошничка се зголемила на повеќе од 65.544 денари во октомври 2025 година. Само во последните две години зголемувањето е 40 отсто, покажуваат податоците.
Според Државниот завод за статистика (ДЗС), годишната инфлација во Северна Македонија, мерена преку индексот на трошоците на животот (ИТЖ), во септември 2025 година изнесува 4.1 отсто во однос на истиот месец претходната година.
Светска банка известува дека инфлацијата во земјата забрзала по март 2025 година, достигнувајќи 4.8 проценти до јули 2025 година.