ОБСЕ/ОДИХР: Загрижувачки се извештаите за притисоци и заплашување и купување на гласови
Кампањата за локалните избори во Северна Македонија беше конкурентна, но изборите беа негативно засегнати од системски правни празнини и недостатоци во надзорот на финансирањето на кампањата, како и од политичка поларизација и длабоко јавно разочарување со политиките.
Ова е прелиминарната оценка на меѓународните набљудувачи од заедничката мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа (Конгресот) и Европскиот парламент (ЕП) за изборната кампања и локлните избори кои се одржаа на 19 октомври.
Тие во нивната заедничка оценка посочија дека минатогодишните законски измени, иако во себе содржат дел од препораките на ОДИХР, сепак поголем дел од претходно дадените препораки не се исполнети.
„Беше добро да се види конкурентна кампања во изминатите недели и добро организиран и претежно мирен изборен ден вчера, но и понатаму остануваат загрижувачки недостатоци во изборното законодавство, кои го поткопуваат работењето на институциите,” изјави Матео Мекачи, шеф на Мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР.
Тој додаде дека решавањето на клучните аспекти од изборниот процес кои бараат реформи - од финансирањето на кампањата до еднаквите можности за кампања во медиумите за сите кандидати, ќе остане во фокусот на нивната работа и следење и во наредните две недели кога ќе го набљудуваат спроведувањето на вториот изборен круг од изборите на 2 ноември.
Според оценката на ОБСЕ/ОДИХР основните слободи биле генерално почитувани за време на кампањата, но во истовреме, како што велат, иако не го прекршува законот, градоначалници и високи владини функционери отвораа, посетуваа или промовираа инвестициони и инфраструктурни проекти и пред, и за време на официјалниот период на кампањата, што претставува поткопување на правните гаранции за да се превенира злоупотреба на јавни ресурси и е во спротивност на меѓународните стандарди.
„Извештаите за наводен притисок врз вработени во јавниот сектор, заплашување на гласачи и опозициски кандидати, како и купување гласови од страна на политички партии, беа исто така загрижувачки. Денот на изборите општо беше мирен, иако беа забележани некои недостатоци во процедурите, како што е групно гласање и несоодветно мешање од страна на претставниците на кандидатите,“ се вели во извештајот.
Во нивниот извештај се посочува дека системските недостатоци за следењето на финансирањето на кампањите, во комбинација со ограничените капацитети на надзорните органи ја попречија ефикасната проверка на финансирањето на кампањите.
Проблемот според нив е во формулата за распределба на парите која, како што велат, значително ги фаворизира големите парламентарни партии, исклучувајќи ги помалите партии со пратеничка група, и понуди само ограничени можности за други мали партии и независни кандидати.
Медиумската сцена е разновидна, но фрагментирана по политички и етнички линии, е нотирано во извештајот, посочувајќи дека неповолните услови за работа и ограничените човечки ресурси во медиумскиот сектор влијаат врз квалитетот на известувањето.
Додека мониторингот на медиумите од страна на набљудувачката мисија покажува дека известувањето за изборите од радиудифузерите е генерално избалансирано, кампањата на социјалните мрежи во голема мера е нерегулирана, и не постои надлежен орган со мандат да ја следи изборната кампања на социјалните мрежи и да открива дезинформации или манипулативна содржина.
Меѓународната набљудувачка мисија за локалните избори во Северна Македонија, составена од вкупно 275 набљудувачи од 40 земји, од кои 253 ОДИХР експерти и долгорочни и краткорочни набљудувачи, 15 членови и вработени од конгресот и 7 парламентарци и вработени од ЕП.