ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Владејачките партии освоија најмногу градоначалници во првиот изборен круг

0

Убедлива победа прогласи владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од локалните избори во Северна Македонија. Партијата освои градоначалници во 30 од вкупно 80 општини, а очекува во вториот круг да победи уште во 20-тина и во градот Скопје каде во голема предност е нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски.

„Ветивме победа, имаме победа“, изјави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој рече дека е задоволен затоа што вкупниот број на освоени гласови е поголем отколку на парламентарните и претходните локални избори. Мицкоски потврди дека нема намера да оди на вонредни парламентарни избори и на опозициската ДУИ, која инсистира на тоа, и порача дека „политиките на етноцентризам се поразени“.

Опозициската СДСМ доживеа уште еден пораз по ланските парламентарни и претседателски избори. Но оценија дека резултатот сепак не е лош затоа сега освоиле повеќе гласови во неколку општини, но и дека имало „бројни прекршувања“ за време на гласањето.

СДСМ освои градоначалници во Крива Паланка, Богданци и Кривогаштани, а во уште дваесетина очекуваат да одат во вториот круг.

„Ова е доказ за консолидацијата во партијата која започна и ќе ја продолжиме“, изјави лидерот на СДСМ“, Венко Филипче кој рече нема намера да поднесе оставка по овие резултати од изборите.

ВЛЕН ги освои Чаир и Тетово, ДУИ победи во Гостивар

Во албанскиот политички блок кандидатот на ВРЕДИ, Изет Меџити убедливо победи во клучната општина– Чаир, а Билал Касами во Тетово. Во првиот круг владејачката коалиција доби градоначалници уште во четири општини.

На Меџити ова ќе му биде четврт мандат како градоначалник и ќе треба да ја напушти и актуелната министерска позиција откако го победи поранешниот министер на ДУИ, Бујар Османи, кој му ја честиташе победата.

Членови и симпатизери на ВЛЕН / ВРЕДИ ја славеа, како што рекоа, „убедливата победа во Чаир и во Тетово“ кај споменикот на Скендербег во Старата Чаршија.

Нови градоначалници од коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ) предводена од ДУИ во првиот круг има во Гостивар, Липково, Чашка и Пласница, објави потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми.

Тој рече дека на национално ниво, „НАИ е апсолутен победник со над 20.000 гласови и со гласовите што уште се обработуваат оваа разлика можеби ќе биде уште поголема“.

Мирен изборен ден

Изборниот ден помина мирно и без поголеми нарушувања. Очекувањата на граѓаните се слични - подобар живот во пофункционални општини.

Бранко Сотировски е жител на општина Центар. Од дома излезе рано, за да го оствари своето право на глас.

„Градоначалникот треба да излезе на улица и да работи и самиот, прв тој, а по него и другите, а не само да седат во канцеларија“, вели тој.

Мирно и без проблеми се одвиваше гласањето и во општината Чаир.

„Очекувам да се исчисти ѓубрето, да биде почисто, да се среди гужвата, тоа е најосновно за нас жителите на Чаир“, изјави Сабит Бериша.

„Сѐ исто ќе биде. Како што било, исто ќе биде“, вели друг жител на Чаир.

Шефот на Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во земјава, Матео Мекачи изјави дека набљудувачите ги следат сите аспекти поврзани со изборите.

„Не е важен само изборниот ден, туку битни се и предизборните процеси, како и процесите по самиот ден на изборите, “изјави Мекачи и најави дека утре попладни ќе ги објават првите оценки за изборите.

ДИК: Излезноста до 18.30 часот е 46,48 отсто

Од Државната изборна комисија соопштија дека до 18.30 часот одзивот на гласачите изнесувал 46,48 процент, што е блиску на првиот круг на претходните избори кога изнесуваше 51,44 отсто.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко кажа и дека во општините Центар Жупа, во Маврово и Ростуше и во Врапчиште имало помалку од една третина излезност од вкупниот број на запишани гласачи и таму за две недели ќе има повторено гласање во прв круг од изборите.

Во ДИК нема пристигнато ниту еден приговор за евентуални неправилности.

Без инциденти на гласањето

Обвинителството и Министерството за внатрешни работи по затворањето на гласачките места соопштија дека изборниот ден поминал без ниту еден инцидент, но со изолирани случаи на пријави за обиди за поткуп или фотографирање и уништување на гласачко ливче.

„Станува збор за изолирани настани, а обвинителствата даваат приоритет на нивно итно расчистување“, изјави обвинителот Џељаљ Бајрами.

Ова беа „едни од најмирните и најбезбедните избори во државата“, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Половина од пријавените настани не се потврдени, од кои најголем дел за агитирање и можен поткуп, а дел на фотографирање на гласачкото ливче, лепење плакати и упатени закани. Приведени се седум лица.

Скопје со најмногу кандидати за градоначалник и советници

Инаку граѓаните на Северна Македонија денеска, 19 октомври, гласаа во прв круг од локалните избори за градоначалници и членови на советите во сите 80 општини плус Градот Скопје.

Право на глас на имаат 1.832.415 граѓани, според Избирачкиот список што го заклучи Државната изборна комисија (ДИК).

За 81 градоначалничко место има 309 кандидатури, додека за место во советите се бореа над 10.490 кандидати од вкупно 576 листи.

Карактеристично за кандидатите за градоначалници е што доминираат мажите, кои се 277 или 89,64%, додека жени се само 32 односно 10,36%.

Вкупниот буџет што го одвои државата за одржување на овие локални избори изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.

Вториот круг е закажан за 2 ноември.