Мирен изборен ден, граѓаните очекуваат чисти општини и вредни градоначалници
Затворени се сите избирачки места на кои граѓаните денеска (19 октомври) гласаа на осмите локални избори од осамостојувањето на државата.
Партиските раководства се веќе во нивните штабови, каде што ги чекаат резултатите од гласањето, кои се очекува да бидат објавени подоцна.
Изборниот ден помина во мирна атмосфера и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Екипата на Радио Слободна Европа посети избирачки места во општините Центар и Чаир. Очекувањата на граѓаните се слични - подобар живот во пофункционални општини.
Бранко Сотировски е жител на општина Центар. Од дома излезе рано, за да го оствари своето право на глас. Гласаше на избирачкото место 2857 во гимназијата „Јосип Брзо Тито“ во Центар. Од новиот градоначалник очекува да работи посветено и да ги реши проблемите на жителите на Центар.
„Градоначалникот треба да излезе на улица и да работи и самиот, прв тој, а по него и другите, а не само да седат во канцеларија“, вели тој.
Мирно и без проблеми се одвиваше гласањето и во општината Чаир. Како и во Центар, и чаирчани имаат слични желби. Поуредна општина и подобри услови за живот. Некои се надеваат на промени, но повеќето се скептични.
„Очекувам да се исчисти ѓубрето, да биде почисто, да се среди гужвата, тоа е најосновно за нас жителите на Чаир“, изјави Сабит Бериша.
„Сѐ исто ќе биде. Како што било, исто ќе биде“, вели жител на Чаир.
Шефот на Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во земјава, Матео Мекачи изјави дека набљудувачите ги следат сите аспекти поврзани со изборите и истакна дека не е битен само денот на изборите, туку и предизборните процеси, како и процесите по самиот ден на изборите. Тој го посети избирачкото место во Основото училиште „Лирија”, во општина Чаир.
„Не е важен само изборниот ден, туку битни се и предизборните процеси, како и процесите по самиот ден на изборите. Секако ги следиме сите аспекти, кои се поврзани со самите избори, тука може да ги споменеме регистрацијата на гласачи, самата кампања, финансирањето на кампања, пристапот до медиуми, гласањето на самиот ден на изборите, пребројување на гласовите и.т.н“, порача Мекачи.
ДИК: Излезноста до 17 часот е 39,61 отсто
Од Државната изборна комисија информираат дека сите гласачки места биле отворени навреме и дека гласањето се одвива без поголеми проблеми.
До 17 часот одзивот на гласачите изнесува 39,61 процент.
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска соопшти дека до Комисијата нема пристигнато приговори за евентуални неправилности на гласачки места и дека изборниот процес се одвива непречено, во мирна и демократска атмосфера.
Таа апелираше до членовите на избирачките одбори да им овозможат непречено работење на медиумските работници и да не им бараат посебни акредитации од ДИК. Реакцијата следува откако претходно ЗНМ реагираше поради неколку случаи на попречување на работата на новинарските екипи во Карпош, Охрид и Тетово.
Најголема излезност е регистрирана во општините Вевчани - 61,84, Дебарца- 53,41, Демир Капија - 57,65, Дојран - 60, 91 отсто.
Најмал оздив има во општините Шуто Оризари- 30,38, Радовиш -31,57, Маврово Ростуше - 32,87, Врапчиште- 20, 94 проценти.
Од скопските општини најголема излезност е регистрирана во Сарај - 47,94 отсто, а најмала во Шуто Оризари - 30,38 проценти.
Во споредба со локалните избори пред 4 години, одзивот на гласачи до 17 часот е нешто помал. Во 2021 година до 17 часот имало излезност од 41,38 отсто од вкупниот број гласачи во Избирачкиот список.
Мирен изборен ден, без поголеми нарушувања
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека Локалните избори 2025 се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава и дека се преземаат мерки за непречено и безбедно спроведување на изборниот процес.
Сепак додаваат дека биле регистрирани неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите.
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонски броеви 192 или 112.
Од Основното јавно обвинителство соопштија дека изборниот ден поминува без поголеми нарушувања. Сепак оттаму додаваат дека јавен обвинител од струмичкото обвинителство бил известен за погрешно испечатени гласачки ливчиња во Ново Село при што бил извршен разговор. За случајот е известена Државната изборна комисија да го замени материјалот, но нема елементи на кривично дело.
Според извештајот на Јавното обвинителство во текот на вчерашниот ден, поединечни настани со наводи за изборен поткуп се евидентирани во обвинителствата во Велес, Прилеп, Крива Паланка и Свети Николе. Во сите нив се преземаат дејствија по насоки на јавен обвинител за испитување на наводите.
Скопје со најмногу кандидати за градоначалник и советници
Инаку граѓаните на Северна Македонија денеска, 19 октомври, гласаат во прв круг од локалните избори за градоначалници и членови на советите во сите 80 општини плус Градот Скопје.
Граѓаните излегуваат на гласачките места по втор пат за помалку од две години, откако лани во април и мај се одржаа претседателски и парламентарни избори.
Право на глас на изборите денеска имаат 1.832.415 граѓани, според Избирачкиот список што го заклучи Државната изборна комисија (ДИК).
Гласањето започна во 7 часот наутро и ќе трае до 19 часот, по што ќе следува броење на гласовите и објавување на првичните резултати.
За 81 градоначалничко место има 309 кандидатури, додека за место во советите се борат над 10.490 кандидати од вкупно 576 листи.
Овие кандидати - учесници на изборите се предложени од вкупно 22 политички партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
Карактеристично за кандидатите за градоначалници е што доминираат мажите, кои се 277 или 89,64%, додека жени се само 32 односно 10,36%.
Најмногу кандидати има за градот Скопје, или 16 за градоначалник, а 19 листи за советници.
Во овој прв круг од изборите треба да бидат избрани новите состави на општинските совети, додека за градоначалник ќе се смета дека е избран оној кој освоил 50 отсто плус еден глас под услов на гласање да излегле барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина.
Според правилата, ако ниту еден од кандидатите не го исполни потребниот услов, се одржува и втор круг во кој граѓаните бираат меѓу двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови.
Вкупниот буџет што го одвои државата за одржување на овие локални избори изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.
Вториот круг е закажан за 2 ноември.