ОБСЕ/ОДИХР: Не е важен само изборниот ден, туку и предизборните и постизборните процеси
Шефот на Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во земјава, Матео Мекачи изјави дека набљудувачите ги следат сите аспекти поврзани со изборите и истакна дека не е битен само денот на изборите, туку и предизборните процеси, како и процесите по самиот ден на изборите.
Мекачи кој денеска беше на избирачкото место во Основото училиште „Лирија”, во општина Чаир истакна дека Мисијата се состои од 250 меѓународни набљудувачи, кои набљудуваат на територијата на целата држава.
„Ние сме овде како меѓународна набљудувачка мисија да го набљудуваме изборниот процес и да оцениме дали е сѐ согласно стандардите. Ова гласачко место што го гледате позади нас е едно од многуте што ги набљудуваме“, рече тој.
Мекачи додаде дека Мисијата вклучува уште 24 долгорочни набљудувачи на територијата на целата држава, кои го набљудуваат целокупниот процес.
„Не е важен само изборниот ден, туку битни се и предизборните процеси, како и процесите по самиот ден на изборите. Секако ги следиме сите аспекти, кои се поврзани со самите избори, тука може да ги споменеме регистрацијата на гласачи, самата кампања, финансирањето на кампања, пристапот до медиуми, гласањето на самиот ден на изборите, пребројување на гласовите и.т.н“, порача Мекачи.