ЗНМ: Да се обезбеди непречена работа на медиумските работници на гласачките места
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) апелира до Државната изборна комисија (ДИК), општинските изборни комисии и Министерството за внатрешни работи да продолжат да обезбедуваат непречен пристап и услови за работа за новинарите и медиумските работници на сите избирачки места. Професионалното, навремено и точно информирање на јавноста за текот на изборниот процес, како што велат, е од суштинско значење за довербата во изборите.
До ЗНМ, како што се наведува во нивното соопштение, изутрината биле пријавени неколку случаи на попречување на работата на новинарските екипи.
Во Скопје, во општина Карпош, (ИМ 2626) имало обид за одземање на мобилниот телефон и непристоен однос од страна на заменик претседателот на комисијата кон новинарката Елида Зулбеари, по што имало интервенција од МВР, за што ќе побараме од ДИК да преземе санкции за службеникот.
Во Охрид (ИМ 1270) на екипа од јавниот сервис ѝ било оневозможен пристап во раните утрински часови со образложение дека, покрај новинарската легитимација, треба да поседува и „акредитација од ДИК“. По реакција на колегите и интервенција на лице место, пристапот беше овозможен и работата продолжи.
Во Тетово новинар бил попречен да земе изјава од страна на членови на избирачкиот одбор, со упатување на „недостиг на акредитација“.
ЗНМ апелира до ДИК и МВР итно да ги известат сите избирачки одбори и службени лица дека не е потребна акредитација од ДИК за новинарите, со цел да се избегнат нови недоразбирања во текот на денот.
Оттаму го повикувааат избирачките одбори од сите изборни места да овозможат непречен влез на новинарските екипи со видлива новинарска легитимација, да дозволат снимање и изјави во просторот каде што не се загрозува тајноста на гласањето и при недоразбирања прво да побараат насоки од ОИК/ДИК, наместо да го ограничат пристапот.