Пакистан и Авганистан договорија моментален прекин на огнот
Пакистан и Авганистан се согласија на моментален прекин на огнот за време на преговорите одржани во Доха, со посредство на Катар и Турција, објави Министерството за надворешни работи на Катар на 19 октомври.
„За време на преговорите, беше договорено моментален прекин на огнот и воспоставување механизми што ќе го зајакнат трајниот мир и стабилност меѓу двете земји“, се вели во соопштението.
Преговорите меѓу Авганистан и Пакистан започнаа на 18 октомври во главниот град на Катар, Доха, по граничните судири и напади што предизвикаа страв од можно избувнување на отворена војна меѓу двете земји.
Портпаролот на владата предводена од Талибанците, Забихулах Муџахид, претходно објави дека преговорите се започнати и дека авганистанскиот премиер Хасан Акхунд разговарал со малезискиот премиер Анвар Ибрахим.
Според Муџахид, пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф разговарал и со Ибрахим, кој очигледно одиграл посредничка улога и ја нагласил потребата од дипломатско решавање на проблемот.
Министерството за надворешни работи на Пакистан објави дека разговорите имале за цел „да се стави крај на прекуграничниот тероризам што произлегува од Авганистан и да се врати мирот и стабилноста по должината на пакистанско-авганистанската граница“.
Пакистан ги повика талибанските власти во Авганистан да ги исполнат своите обврски кон Меѓународната заедница и да преземат „мерки против терористичките организации“.
Неодамнешните судири меѓу Пакистан и Авганистан се најжестоките откако Талибанците ја презедоа власта во Кабул во 2021 година.
Борбите меѓу поранешните сојузници избувнаа откако Исламабад побара од Кабул да преземе мерки против милитантите кои ги засилија нападите во Пакистан, велејќи дека тие дејствуваат од скривниците во Авганистан.
Талибанците ги отфрлаат обвинувањата дека ги засолнуваат милитантите кои го напаѓаат Пакистан и ја обвинуваат пакистанската војска за ширење дезинформации за Авганистан и за засолнување на милитанти поврзани со Исламска држава. Исламабад ги негира обвинувањата.