Обвинителство и МВР: Изборен ден без инциденти
Обвинителството и Министерството за внатрешни работи вечерва, по затворањето на гласачките места соопштија дека изборниот ден поминал во мирна атмиосфера, без ниту еден инциеент, но со изолирани случаи на пријави за обиди за поткуп или фотографирање и уништуивање на гласачко ливче.
Бројот на информации кои упатуваат на сомненија за сторени кривични дела е мал во целата држава, соопшти Јавното обвинителство на Северна Македонија откако јавни обвинители во текот на целиот цел го следеа изборниот процес во рамки на локалните избори.
„Станува збор за изолирани настани, а обвинителствата даваат приоритет на нивно итно расчистување“, изјави обвинителот Џељаљ Бајрами, кој е претседател на привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење на постапувањето по евентуални кривични дела поврзани со изборите.
Тој информираше за поединечни случаи по кои постапуваат обвинителствата низ градовите.
Во Велес се испитува наводен поткуп при избори и гласање од страна на две лица. Сличен предмет има и во Крива Паланка и во Крушево.
„ОЈО Скопје е известено од МВР за две задржани лица на гласачко место во Општина Чаир кои одбивале да се легитимираат, како и за 2 фотографирања на гласачко ливче во Гази Баба што во суштина е прекршок. ОЈО Охрид постапува за настан во Охрид, каде три лица во возило, по оперативни сознанија на МВР биле запрени и во возилото биле пронајдени банкноти од по 2.000 денари и наводни списоци на гласачи. По наредба на јавен обвинител се испитуваат сите околности на случаите“, рече Бајрами.
Во Штип и Кочани, исто така се постапува по индиции за потпкуп, но и за притисок врз гласачи.
„ОЈО Тетово и ОЈО Кичево, по објавени информации на медиуми оформија предмети по допрен глас и испитуваат евентуални прекршувања на изборниот молк во Кичево и во Желино. Исто така, ОЈО Кичево постапува и по информација за нерегуларности при гласањето на едно болно и изнемоштено лице во Македонски Брод“, посочи обвинителот.
Ова беа „едни од најмирните и најбезбедните избори во државата“, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по завршувањето на гласањето на локалните избори.
Тој информираше дека на 84 гласачки места имало задоцнување во стартот на гласањето од максимум 2 часа. Регистрирани се 28 прекини на гласањето од 15 до 30 минути, заради технички проблеми со уредите за идентификација, а најмногу биле во Тетово и Охрид.
Пријавени биле 91 настан , од кои најголем дел за агитирање и можен поткуп, а дел на фотографирање на гласачкото ливче, лепење плакати и упатени закани.
За 42 од пријавените случаи постапките се завршени, а во најголем дел наодите не се потврдени. Лишени од слобода се 11 лица, главно заради сомневања за поткуп, фотографирање или уништување на гласачко ливче, од кои четворица се ослободени, а седум се задржани за понатамошна постапка. Пријавени се и седум настани во кои наводно биле инволвирани полицајци, од кои само за еден се преземаат мерки за расчистување.
Секторот за компјутерски криминал регистрирал 19 објави на социјални мрежи коисе предмет на натамошна проверка.
Според првиот човек на МВР, Тошковски, сите податоци потврдуваат дека изборниот процес поминал во мирна и демократска атмосфера без ниту еден инцидент.
Денешните локални избори се осми по ред од осамостојувањето на државата. Во текот на ноќта се очекуваат и првичните резултати.