Стејт департментот ја пофали одлуката за назначување на вршител на должноста претседател на Република Српска
Американскиот Стејт департмент ја пофали одлуката на Народното собрание на Република Српска да ја назначи Ана Тришиќ Бабиќ за вршител на должноста претседател на РС и повлекувањето на сепаратистичките закони што претходно беа поништени од Уставниот суд на Босна и Херцеговина.
Во соопштението се наведува дека овој потег е резултат на напорите предводени од Соединетите Држави насочени кон смирување на политичката криза во Босна и Херцеговина.
„Соединетите Американски Држави ја поздравуваат акцијата на Народното собрание на РС што ја потврдува стабилноста во Босна и Херцеговина и го отвора патот за конструктивно партнерство со САД врз основа на заеднички интереси и економски просперитет“, изјави за Ројтерс Брендан Ханрахан, висок функционер на Стејт департментот за европски и евроазиски прашања.
Во сабота, на 18 октомври, Парламентот на Република Српска ја назначи Ана Тришиќ Бабиќ за привремен претседател, официјално потврдувајќи за прв пат дека поранешниот претседател Милорад Додик поднесува оставка, откако државниот суд му забрани да се занимава со политика.
Тришиќ Бабиќ, близок сојузник на Додик, ќе биде на оваа позиција еден месец до одржувањето на новите претседателски избори во Република Српска на 23 ноември.
Парламентот, исто така, поништи низа сепаратистички закони донесени минатата година откако Додик беше обвинет за непочитување на одлуките на меѓународен претставник и Уставниот суд.
Досега, Додик одбиваше да поднесе оставка и продолжи да ги извршува своите должности и да патува во странство во својство на претседател на Босна и Херцеговина. Тој поднесе жалба на пресудата на државниот суд до Уставниот суд.
Министерството за финансии на САД во петок, 17 октомври,објави дека отстранило четворица сојузници на Додик од списокот на санкции, потег што го пофали Додик, кој инсистираше на укинување на американските санкции против него.
Тој е санкциониран од САД и Велика Британија за попречување на одредбите од Дејтонскиот мировен договор со кој беше ставен крај на војната во Босна во 1990-тите, како и од неколку европски земји кои тврдат дека неговите сепаратистички политики го загрозуваат мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина.