ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Привремено прекинато гласањето во Ново Село

0

Привремено е прекинато гласањето на болните и изнемоштените лица во Општина Ново Село поради техничка грешка во редните броеви на носителите на советничките листи на гласачките ливчиња.

На овие локални избори во Општина Ново Село пријавени се 400 лица кои со медицинска документација потврдиле дека не можат утре да излезат на избирачките места да гласат, па согласно законот, своето право требаше да го остварат денеска.

Државната изборна комисија (ДИК) потврди дека гласачкиот материјал за советници е повлечен и се дистрибуира нов и дека сите болни и изнемоштени ќе го остварат своето право, јавува порталот „Сакам да кажам“.

„Избирачкиот материјал од Општина Ново Село е повлечен. Таму денеска ниту едно пријавено болно или изнемоштено лице нема гласано. Станува збор за гласачки материјал за советнички листи. Се дистрибуира нов и сите болни и изнемоштени лица ќе гласаат“, велат за порталот од ДИК.

Во струмичкиот регион пријавени се 1.308 болни и изнемоштени лица. Освен во Општина Ново Село, денеска гласаат и 514 болни и изнемоштени во Општина Струмица, во Босилово 232, а во Општина Василево 162.

На ден пред изборите, гласаат 2162 затворениците, лицата во домашен притвор, 8851 болни и немоќни лица и 442 лица во старските домови. Според информациите од Државната изборна комисија, од утрово гласањето тече мирно и непречено.

Според Избирачкиот список, во казнено – поправните домови, денеска треба да гласаат 2162 затвореници од кои во КПД Идризово 938, во затворот во Шуто Оризари 391, во штипскиот затвор 237, во прилепскиот 119…

Во своите домови ќе гласаат и лица кои се пријавиле за гласање, а се во куќен притвор.

Членови на избирачките одбори денеска во нивните домови треба да посетат 8851 болни и немоќни лица кои побарале и им било прифатено да гласаат.

Во старските домови ќе гласаат 442 возрасни лица, наместо 450 лица. Бројката се намали за осум лица откако Министерството за социјална политика, демографија и млади, како што соопшти ДИК на седница пред неколку дена, извести дека старскиот дом Арија е затворен.

Во земјава утре ќе се одржат осмите локални избори од независноста на државата. Ќе се гласа на 3474 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10 490 кандидати.

На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.