Ќе му се суди и на сопственикот на фирмата што го обезбедувала „Пулс“ во Кочани
Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека го одобрил и второто обвинение поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани кој одзеде 63 животи, а над 200 лица беа повредени.
Со ова обвинение се гони А.Н., кого обвинителството го товари дека е реален сопственик на фирмата „Рубикон секјурити солушн“, која била задолжена за обезбедување на дискотеката.
Сопственикот се гони за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.
„Согласно одобрениот акт, формиран е кривично правен предмет кој согласно АКМИС – системот е веќе распределен кај судија Биљана Смаќовска на понатамошно постапување“, соопштија од Основниот кривичен суд на 17 октомври.
Со обвинителниот акт се посочува дека сопственикот на фирмата за обезбедување имал пропусти во работењето односно не постапувал според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери.
Обвинителството тврди дека обезбедувањето на дискотеката од страна на „Рубикон“ било вршено без писмен договор со клубот „Пулс“, и без контрола и надзор при исполнување на обврските на вработените кои вршеле обезбедување на имот.
„На критичниот ден, тројца вработени во агенцијата биле задолжени да го обезбедуваат објектот во Кочани без да утврдат претходна безбедносна проценка со проверка по однос на сигурносните услови на објектот, опасностите и можностите за евакуација во случај на опасност, без проверка на влезови и излези и нивна исправност, во услови на преполнетост на капацитетот на посетители“, соопшти обвинителството при поднесување на обвинението за газдата на „Рубикон“ на 4 септември.
На почетокот на октомври, Основниот кривичен суд Скопје го одобри и првото обвинение поврзано со пожарот во Кочани. Со него се опфатени 34 лица и три фирми.
На нив ќе им се суди за делото „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.
Меѓу обвинетите во овој предмет се поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), тројца бивши градоначалници на Кочани, инспектори, одговорни лица во фирмите кои раководело со ноќниот клуб.
За овој предмет првото судско рочиште е закажано за 19 ноември.
Пожарот во „Пулс“ ја зеде последната, 63-та жртва на 14 октомври кога почина пејачот Владимир Блажев-Панчо од дуото ДНК, кое кобната ноќ меѓу 15 и 16 март настапуваше во дискотеката. Сите членови на бендот се меѓу загинатите.