ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

На полноќ почнува изборниот молк

0

На полноќ на 17 октомври почнува изборниот молк за локалните избори во Северна Македонија.

Тој ќе трае до завршување на првиот круг од изборите кој ќе се одржи в недела, 19 октомври. Право на глас имаат 1,83 милиони граѓани.

Еден ден пред денот на избори, в сабота, своето право на глас ќе го искористат болните и изнемоштените, како и лицата што издржуваат затворска казна или се наоѓаат во притвор.

На овие локални избори ќе се бираат градоначалници и советници на сите 80 општини во земјава плус Градот Скопје. Има вкупно 309 кандидати за градоначалници и над 10.000 кандидати за советници предложени од политичките партии и независните листи.

Изборите ќе ги следат 1.462 набљудувачи од кои 808 домашни, а 664 странски.

Во првиот круг треба да бидат избрани новите состави на општинските совети, додека за градоначалник ќе се смета дека е избран оној кој освоил 50 отсто плус еден глас под услов на гласање да излегле барем една третина од гласачите запишани во Избирачкиот список во конкретната општина. Според правилата, ако ниту еден од кандидатите не го исполни потребниот услов, се одржува и втор круг во кој граѓаните бираат меѓу двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови.

Вториот круг е закажан за 2 ноември.

Претстојните ќе бидат осми по ред локални избори од осамостојувањето на државата во 1991 година.