Референдум во Словенија за законот за потпомогнато умирање
Словенците на референдум во ноември ќе гласаат за тоа дали го поддржуваат правото на асистирано умирање, што словенечкиот парламент го легализира во јули, јави агенцијата АФП.
Неколку европски земји, вклучувајќи ги Швајцарија и Австрија, веќе им дозволуваат на терминално болните лица да добијат медицинска помош за да го завршат својот живот, а Словенија требаше да им се придружи по одобрувањето од парламентот во јули 2025 година.
Но, парламентот закажа гласање на 23 ноември откако граѓанска група, поддржана од конзервативната опозиција, собра 40.000 потписи потребни за распишување референдум.
На референдумот, гласачите ќе одлучат дали законот за легализирање на асистирано умирање ќе се спроведе.
Законодавството им дава на терминално болни пациенти право на помош при умирање ако нивното страдање е неподносливо и сите други опции за лекување се исцрпени.
Исто така, дозволува асистирано умирање ако третманот не нуди разумна перспектива за закрепнување или подобрување на состојбата на пациентот.
На првиот референдум што се одржа во 2024 година, 55 отсто Словенците го поддржаа асистираното умирање. Но, законодавството на земјата од ЕУ им овозможува на граѓанските групи - кои собираат најмалку 40.000 потписи од граѓани - да побараат повторно гласање за законите донесени од парламентот.
За референдумот да биде успешен, мнозинството гласачи - кои претставуваат најмалку 20 отсто граѓаани со право на глас - мора да гласаат против законот.
Евтаназијата, т.е. смрт предизвикана од лекар или медицинска сестра на барање на пациентот, останува забранета.
Швајцарија и Австрија, исто така, одобруваат потпомогнато самоубиство.
Евтаназијата е легална во Холандија, Белгија и Луксембург.