Камиони со помош влегоа во Газа, Израел вели дека едно од вратените тела не му припаѓа на ниту еден заложник
Камиони со хуманитарна помош влегоа во Газа додека Израел ги продолжи подготовките за повторно отворање на главниот премин Рафа по спорот околу враќањето на телата на заложниците - што би можело да го загрози кревкиот договор за прекин на огнот со Хамас, објави Ројтерс.
Израел се закани дека ќе го држи Рафа затворен и ќе ги намали испораките на помош затоа што палестинското движење Хамас, кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, е премногу бавно во враќањето на телата, поткопувајќи го прекинот на огнот со кој заврши двегодишната разорна војна во Газа и се овозможи ослободување на сите живи заложници што ги држеше Хамас.
Но, Хамас врати повеќе тела на Израелци во тек на ноќта, а израелски безбедносен службеник на 15 октомври изјави дека се во тек подготовки за отворање на Рафа за жителите на Газа, додека друг службеник изјави дека ќе влезат 600 камиони со помош.
Хамас врати четири тела за кои е потврдено дека се израелски заложници на 13 октомври и уште четири тела доцна во вторникот(14 октомври), иако израелските власти изјавија дека едно од телата не му припаѓа на ниту еден од заложниците.
Спорот околу враќањето на телата уште би можел да го загрози договорот за прекин на огнот, заедно со други клучни прашања што сè уште не се решени.
Подоцнежните фази од договорот бараат Хамас да го положи оружјето и да ја предаде власта, нешто што палестинската група досега одбиваше да го стори.
Сепак, Хамас започна безбедносна репресија врз своите противници, демонстрирајќи ја својата моќ во Газа преку јавни егзекуции и судири со локалните кланови.
Долгорочните елементи на договорот, вклучително и начинот на кој ќе се управува со Газа, составот на меѓународните сили што треба да ја преземат контролата и чекорите кон создавање палестинска држава, сè уште не се дефинирани.
Во Газа сè уште има 21 тело на израелски заложници, иако некои може да бидат тешки за наоѓање или враќање поради обемот на уништувањето за време на војната. Се очекува меѓународна работна група да ги пронајде телата, потсетува Ројтерс.
Со договорот се бара од Израел да ги врати телата на 360 палестински борци убиени во борбите.
Камионите со хуманитарна помош почнаа да влегуваат во Газа на 12 октомври, или два дена откако стапи на сила договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, како дел од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на двегодишната војна во палестинската енклава.