ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Авганистан и Пакистан договорија прекин на огнот по смртоносните воздушни напади и копнени борби

0

Авганистан и Пакистан се согласија за привремено прекин на огнот откако смртоносните воздушни напади и копнените борби предизвикаа стравувања од целосен конфликт меѓу двата соседа.

Пакистан изврши воздушни напади во јужната авганистанска покраина Кандахар при што имаше неколку жртви, изјавија жителите таму за Радио Азади (авганистанскиот сервис на Радио Слободна Европа).

Експлозии се слушнаа и во Кабул, според жители на градот кои разговараа со Радио Азади. Непроверени снимки на социјалните медиуми покажаа облаци од чад како се креваат кон небото во авганистанскиот главен град. Причината за експлозиите не беше веднаш позната.

Копнени борби избувнаа и по должината на границата од 2.600 километри меѓу двете земји, при што загинаа неколку луѓе од двете страни.
Министерството за надворешни работи на Пакистан на 15 октомври попладне соопшти дека страните се согласиле на „привремен прекин на огнот во следните 48 часа“ почнувајќи од 18 часот по локално време во Пакистан.

Најновите напади следеа по жестоките борби меѓу авганистанските талибански борци и пакистанските безбедносни сили на 11 и 12 октомври, во кои загинаа десетици лица и доведоа до затворање на клучни гранични премини.
Ова е најсмртоносниот конфликт меѓу двете страни.
Граничните судири дојдоа само неколку дена откако Пакистан изврши напади со беспилотни летала во центарот на Кабул и воздушни напади во источен Авганистан.
Насилството предизвика стравувања од тотална војна меѓу Пакистан и авганистанските талибанци, долгогодишни сојузници чии односи се влошија.

Исламабад ги обвинува авганистанските талибанци дека ја засолнуваат екстремистичката група Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП), која води бунт во Пакистан. Авганистанските талибанци, кои ја презедоа власта во 2021 година, ги негираат обвинувањата.

Цивили од двете страни на границата рекоа дека неодамнешните борби ги принудиле некои од нив да ги напуштат своите домови поради страв од поширока војна.

„Многу луѓе од двете страни на границата ги напуштија своите домови и избегаа од областа во потрага по побезбедни локации, плашејќи се дека борбите би можеле да се прошират“, изјави за Радио Машал (пакистанскиот сервис на Радио Слободна Европа) Мухамед Наим, локален новинар во пограничниот град Чаман.

Неодамнешниот бран насилство доведе до затворање на граничните премини, што влијаеше на локалните бизниси и движењето на луѓето.