Дронови на небо, тензии на земја
Додека српскиот претседател Александар Вучиќ се соочува со антивладини протести во Белград, формирањето на нови институции во Приштина се одложува со месеци.
Но, надвор од внатрешните кризи во двете земји, реториката за безбедноста станува сè поостра, што покренува прашања за реалниот ризик, но и за тоа кој би можел да има корист во таква ситуација.
Што му рече Османи на командантот на НАТО?
Косовската претседателка Вјоса Османи минатата недела го угости командантот на мировната мисија на НАТО, КФОР, Озкан Улуташ, со цел да разговараат, како што изјави, за заканите од српските беспилотни летала.
Како врховен командант на косовските безбедносни сили, Османи ја нагласи важноста на координацијата и соработката со КФОР со цел да се спречат какви било дестабилизирачки дејствија на Србија.
На крајот на минатиот месец, косовските власти објавија дека воздушниот простор бил нарушен од осомничени српски беспилотни летала, но не дадоа повеќе детали за времето или околностите на инцидентот.
Сепак, КФОР објави дека не забележале никаков влез на беспилотни летала од странство што би ја загрозиле безбедноста.
Истиот ден, косовската полиција објави дека уапсила српски државјанин откако нападнал полицајци на граничниот премин Јариње.
Полемика Османи - Вучиќ
Османи го покрена и прашањето за заканите од Србија во Копенхаген, каде што учествуваше на самитот на Европската политичка унија на 2 октомври.
„Србија се однесува кон соседните земји како кон држави што не постојат, како кон привремени држави, како кон држави против кои дејствува со агресија. Ова е копија на руските методи“, рече косовската претседателка.
Како одговор на Османи, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека „сите се подготвуваат за војна“ и го обвини Косово дека го користи ова време за да добие меѓународна поддршка.
„Сакаме да избегнеме војна. Да избегнеме конфликти. Се плашам дека никој повеќе никого нема да слуша, а сите сериозно се подготвуваат за војна“, рече Вучиќ.
Тој не понуди докази за своите тврдења.
„Во текот на изминатата година, сè во Србија, вклучително и надворешната политика, беше подредено на динамиката на антивладините протести. Единственото нешто за кое државата е загрижена е опстанокот на режимот“, изјави Вук Вуксановиќ од Белградскиот центар за безбедносна политика за емисијата „Експозе“ на Радио Слободна Европа(РСЕ).
„Во овој контекст, тој постојано се обидува да направи претстава и да најде надворешен непријател, да го одвлече вниманието, дури и за кратко време, од протестот“, додава Вуксановиќ.
Како реагираше Белград на турските беспилотни летала за Косово?
Вучиќ минатата недела остро реагираше на веста дека Косово добило беспилотни летала од Турција, изразувајќи „ужас“, од како што рече, однесувањето на Анкара.
Началникот на Генералштабот на српската армија, Милан Мојсиловиќ, изјави дека имал итен разговор со командантот на КФОР, Озкан Улуташ, на кого му ја изразил својата загриженост дека вооружувањето на Косово може да влијае на стабилноста на регионот.
За Игор Табак, воен аналитичар на порталот „Одбрана и безбедност“ од Загреб, ова се „глупости на режимот што се обидува да го одвлече вниманието на јавноста“.
Тој нагласува дека секоја потенцијална ескалација во регионот би имала сериозни последици за НАТО, бидејќи повеќето земји околу Србија се членки на Алијансата или тесно соработуваат со неа. Но, додава дека многу ќе зависи од тоа како раководството на Србија ќе се справи со внатрешните тензии.
„Доколку внатрешните тензии во Србија продолжат да растат, нема да ме изненади ако режимот се обиде да го префрли вниманието на јавноста кон надворешен непријател. Тоа е многу попогодно за владата отколку да зборува за употреба на солзавец од страна на полицијата или за изнесување тенкови на улиците“, изјави Табак за Експозе
А Косово, според него, е една од најранливите точки, со оглед на историјата на конфликтите.
Може ли да се повтори Бањска?
Минатиот месец се навршија точно две години откако група Срби ја нападнаа косовската полиција во Бањска, при што еден полицаец беше убиен. Косово ја обвини Србија за инцидентот, но Белград негираше вмешаност.
Табак не ја исклучува можноста повторно да се случи „таква форма на тероризам“.
„За тоа не ви требаат многу луѓе или многу опрема. Таква акција може да се организира без големи национални движења и без комплицирана логистика. За жал, вакви сценарија се можни, но, за среќа, нивното влијание е ограничено, бидејќи вклучуваат помалку ресурси и луѓе“, вели тој.
Неколку дена се обидувавме да контактираме со вршителот на должноста министер за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, и генералниот директор на полицијата, Газменд Хоџа, за да разговараме за безбедносната состојба во земјата и проценката на заканата од Србија, но тие не беа достапни.
„Хибридна војна“
Поранешниот командант на Косовските безбедносни сили, Кадри Кастрати, вели дека ситуацијата во Косово е мирна само на површината, бидејќи Србија, почнувајќи од Бањска, води хибридна војна против земјата.
Тој го наведува нападот на Ибер-Лепенц и употребата на беспилотни летала како примери за таква стратегија. Тој исто така вели дека има информации дека во Косово има околу 1300 до 1600 Срби лојални на Вучиќ, подготвени да ги извршат неговите наредби.
„Сите тие се добро обучени и дисциплинирани во српските воени и жандармериски бази низ Косово и живеат и дејствуваат во рамките на Косово. Тие извршуваат рутински задачи. Во моментот кога ќе добијат сигнал дека треба да бидат мобилизирани, точно знаат каде да се пријават. И тоа е потенцијален ризик што го гледам во иднина“, изјави Кастрати за Eкспозе.
Кастрати вели дека косовските институции се информирани за постоењето на овие групи на север. Тој додава дека, иако не се познати по име, нивниот број е познат и фактот дека имаат скриено оружје во планинските области е познат.
Во 2023 година, косовската влада прогласи две групи Срби кои дејствуваат на север, „Северната бригада“ и „Цивилната заштита“, за терористички организации, тврдејќи дека нивните членови биле вклучени во напади врз косовската полиција.
Од време на време, косовската полиција известува за запленување на оружје и муниција во овој дел од земјата. Во една од најновите акции во средината на септември, вршителот на должноста министер за внатрешни работи, Џелал Свечла, изјави дека полицијата пронашла муниција и воена опрема на имотот на еден од десетиците обвинети за нападот во Бањска.
Ризик од провокации
Вуксановиќ, исто така, не ја гледа конвенционалната воена агресија на Србија врз Косово како можна поради присуството на НАТО. Сепак, тој верува дека лидерите на Косово и Србија, соочени со внатрешни кризи, би можеле да предизвикаат провокации за да го привлечат вниманието на јавноста.
„Не би ја исклучил 100% можноста за локализирано насилство на северот од Косово. Тука има два важни актери. Од една страна, тука е вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти, кој исто така е во нејасна позиција поради неговиот неуспех да формира нова влада. Во обид да се спаси, тој би можел да донесе одлука што би го потресла северот. Од друга страна, го имаме Вучиќ, кој е во уште посериозна криза од Курти и кој би можел да тврди дека Србите се загрозени, на пример“, вели Вуксановиќ.
Но, колку е подготвено Косово да се соочи со потенцијален бран на насилство?
Што прави Косово?
На денот кога доби илјадници самоубиствени дронови од Турција, вршителот на должноста премиер Албин Курти спомена и некои од неговите претходни набавки, вклучувајќи воени возила од Рајнметал.
„Тоа покажува дека нашата армија станува посилна и се опремува со модерно оружје“, рече Курти на 8 октомври.
Минатиот месец, косовските безбедносни сили, кои се во процес на трансформација во армија, добија и неколку дронови купени од САД, додека земјата продолжува да плаќа за системите за воздушна одбрана „Џавелин“, исто така испорачани од САД.
Одговорноста за долниот воздушен простор на Косово сè уште е на КФОР, додека горниот воздушен простор е надгледуван од Унгарија.
КФОР е одговорен и за безбедноста на копнената граница на Косово со Србија, додека остатокот од граничната линија е под контрола на косовската полиција. КФОР постојано нагласува дека гарантира безбедна и сигурна средина.
Според поранешниот командант Кадри Кастрати, мисијата на НАТО е клучна за стабилноста на Косово, но буџетот за одбрана мора да се зголеми за да се справат со идните предизвици.
„Новата влада, која и да ја формира, треба да ја има одбраната и безбедноста како еден од своите главни приоритети. САД и НАТО генерално поставија праг од пет проценти од бруто домашниот производ за одбрана и безбедност, поради глобалната ситуација. Ние сме некаде околу 1,8 проценти од БДП. Најмалку што треба да го имаме е пет проценти“, вели Кастрати.
На прашање на РСЕ, претставниците на Министерството за одбрана на Косово не открија колку потрошило Косово за оружје оваа година.
Но, во изјава за РСЕ на крајот од минатата година, сегашниот вршител на должноста министер за одбрана, Ејуп Маќедончи, рече дека Косово потрошило повеќе од 269 милиони евра за купување оружје за четири години.
Според податоците од Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), Косово издвоило околу 162 милиони долари за одбрана во 2024 година, додека Србија издвоила околу 2,2 милијарди.