Обвинувања за полициска тортура врз студентка во Белград, српското МВР демантира
Студентите кои го блокираат Факултетот за земјоделски науки при Универзитетот во Белград соопштија на 14 октомври дека нивна колешка „претрпела физичка и психичка тортура во полициска станица“.
„Ѝ бил даден лист хартија со непозната содржина и ѝ се заканувале за да го потпише. Кога го одбила тоа, следела физичка и психичка тортура“, објавија студентите на социјалната мрежа Инстаграм.
Студентите во блокада се самоорганизирана група која настана како дел од прекинот на наставата на факултетите низ цела Србија и граѓанските протести, на кои се бара одговорност од власта за физичките напади врз студенти во декември минатата година и загинувањето на 16 лица на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
Оваа организација во вторникот објави дека студентка од Факултетот за земјоделски науки била „одведена во полициска станица на разговор со две униформирани лица и едно во цивил“.
„Униформиран припадник на МВР ѝ ја удрил главата со сета сила од маса, при што ѝ била скината аркадата. Потоа била удрена со пиштол во пределот на колкот. Потоа една рака ѝ била врзана за радијатор, а другата останала слободна за да може да потпише хартија – што таа повторно одбила да го стори“, се наведува во соопштението на Студентите во блокада на Факултетот за земјоделски науки во Белград.
Организацијата објави дека приведената студентка не добила дозвола да повика адвокат, дека по извесно време била пуштена, но дека повторно била нападната во вечерните часови.
„Преку главата ѝ била ставена црна кеса и насилно била внесена во автомобил. Непознати лица ја удирале со шамари, ја удирале, ѝ ја кинеле облеката и ја допирале на непримерен начин. Од неа барале информации во врска со блокадите и протестите. Ѝ се заканувале“, објавија Студентите во блокада на Факултетот за земјоделски науки.
Студентите во соопштението за овој случај објавија лекарски наод од прегледот на студентката, како и фотографии за кои тврдат дека ги покажуваат повредите што ги здобила.
„Бараме одговор на прашањето кој го направил ова. Бараме виновниците да одговараат“, соопштија Студентите во блокада на 14 октомври.
Одговор од Министерството за внатрешни работи
Српското МВР во вторникот соопшти дека една приватна здравствена установа во Белград на 24 септември во 18:55 часот ја известила белградската полиција дека кај нив пристигнала П. А. (родена 2004 година), која изјавила дека здобила повреди од полициски службеник кај кого била на информативен разговор.
Од Министерството соопштија дека по таа пријава, полициските службеници разговарале со пријавената, но дека таа одбила да соработува со нив или да даде каква било информација за настанот.
„По извршените проверки е утврдено дека П. А. на тој ден не била во просториите на Полициската управа за Град Белград и дека полициските службеници од таа управа не постапувале кон неа“, соопшти МВР.
Се додава дека на 25 септември Министерството го известило надлежното обвинителство во Белград и Секторот за внатрешна контрола на МВР (СВК).
„До денешен ден не сме добиле барање за собирање на потребни информации од страна на надлежниот орган“, наведува МВР.
Апел до претседателката на Европската комисија
Опозициската Демократска партија (ДС) ѝ испрати јавно писмо на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое бара Европската унија да реагира на наводите за насилство врз граѓани.
„Токму пред Вашето доаѓање, граѓаните на Србија ги потресе најновиот страшен случај на репресија. Студентка, утрово ја информира јавноста дека била однесена од своето работно место, затворена во подрум на полициска станица, физички малтретирана, удирана и претепувана, додека непознати лица ѝ се заканувале и се обиделе да ја натераат да потпише документ со непозната содржина“, се наведува во писмото на Демократската партија.
ДС наведува дека граѓаните се изложени на систематска репресија, насилство и злоупотреба на институциите.
„Од Вашата реакција зависи довербата на граѓаните на Србија дека Европската унија навистина стои зад нив – зад слободата, зад вистината и зад демократските вредности кои заедно ги браниме“, стои во писмото на демократите.
Пратениците од опозициските партии Партија за слобода и правда (ССП) и Зеленолевиот фронт (ЗЛФ) на седницата на Собранието на Србија на 14 октомври го повикаа министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ да се изјасни за наводите за полициско насилство врз студентки кои учествувале на протестите во изминатите речиси една година.
„Се случи страшен криминал. Прашувам зошто МВР сè уште нема одржано прес-конференција за тоа и кој е одговорен за постапките на полициските службеници“, рече пратеникот Борко Стефановиќ од ССП.
Претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ, изрази уверување дека МВР ќе се огласи.
Претседателот на движењето „Почни-промени“, Саво Манојловиќ, побара од министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и директорот на полицијата на Србија, Драган Васиљевиќ, да се изјаснат за наводите за полициска тортура врз студентка од Факултетот за земјоделски науки во Белград.
Во изминатата година имаше повеќе случаи во кои студентски организации, групи за човекови права и стручната јавност ја обвинија полицијата за прекумерна употреба на сила врз студенти и учесници на антивладини протести.
Во некои од случаите беа објавени видео-снимки за кои експерти за безбедност велат дека претставуваат докази. Полицијата и институциите до денес не процесуирале ниту една од тие пријави.