ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Циханускаја поради намалување на нивото на обезбедување во Литванија мора да се исели од безбедниот дом

0

Белоруската опозициска лидерка во егзил, Светлана Циханускаја, добила известување дека мора да го напушти безбедното сместување во Вилнус поради намалување на нивото на нејзината заштита што ѝ ја обезбедуваат литванските власти - се наведува во белешката што еден од нејзините соработници ја испратил до западните амбасади.
Во пораката, која Радио Слободна Европа (РСЕ) ја доби од дипломатски извор од земја членка на Европската Унија и НАТО, а која ја потврдија уште два извори, се вели дека одлуката ѝ била соопштена на канцеларијата на Циханускаја на 1 октомври, а намалувањето на нивото на безбедност започнало на 6 октомври.
„Исто така ни беше кажано дека ќе мора да го напушти обезбеденото сместување во рок од 2-3 недели, каде што живее последниве пет години. И блиската (лична) заштита е укината“, се вели во белешката.
Дипломатски извори за РСЕ изјавија дека Циханускаја ќе остане без телохранителите кои ја придружуваа постојано, и наместо тоа ќе добие полициска заштита на пониско безбедносно ниво.
Двајца соработници на Циханускаја потврдија дека се во контакт со властите во врска со новонастанатата ситуација, но истакнаа дека „нема официјални барања“.
„Немаме испратено официјални писма, но можам да кажам дека лично комунициравме со дипломати во врска со моменталната ситуација“, изјави за Белорускиот сервис на РСЕ, Џијанис Кучински, советник на Циханускаја.
Самата Циханускаја не ја коментираше веднаш ситуацијата.
Сепак, на 9 октомври таа објави кратка порака на социјалните мрежи во која наведе: „Без разлика на пречките, нема да запреме.“
„Мојот тим и јас ќе продолжиме да се бориме за политичките затвореници, да ги браниме интересите на Белорусите и да го насочуваме вниманието на светот кон злосторствата на Лукашенко“, додала таа.
Стравови за безбедноста
Претходно, близок соработник на белоруската опозициска лидерка изјави за РСЕ дека нејзиниот тим чека повеќе детали од литванските власти.
Овој потег предизвика загриженост за безбедноста на Циханускајасреде стравувања дека може да биде цел на белоруски агенти. Намалувањето на нивото на нејзината заштита за првпат беше јавно објавено на 6 октомври.
„По објавата, членовите на нашиот тим, за жал, почнаа да чувствуваат зголемен притисок врз нивните роднини во Белорусија, што експлицитно е поврзано со намалувањето на нивото на заштита во Литванија“, се наведува во пораката до западните амбасади.
Циханускаја е официјална гостинка на литванската влада откако беше приморана да ја напушти својата земја во 2020 година, и оттогаш ја води главната организација на белоруската опозиција во егзил, од канцеларија во Вилнус.
Канцеларијата привремено премина на работа од далечина поради намалувањето на безбедносното ниво.
Според официјалните податоци објавени во јануари, во Литванија живеат 57.511 Белоруси.
Иако многумина се таму од економски причини, Литванија им даде прибежиште на луѓе кои бегаа од Белорусија поради бруталното задушување на масовните протести по спорните избори во 2020 година, на кои авторитарниот лидер, Александар Лукашенко прогласи победа.
Опозициските лидери и поголемиот дел од европските влади – вклучувајќи ја и Литванија – одбија да ја признаат шестата последователна изборна победа на Лукашенко, наведувајќи дека изборите биле наместени.
Литванија ветува континуирана поддршка
Новата влада во Вилнус дојде на власт летово, и според некои критичари, го ублажи ставот кон Минск.
Меѓутоа, министерот за надворешни работи Кестутис Будрис изјави на 8 октомври дека ставот на Литванија кон Белорусија не се сменил.
„Имаме многу работа заедно. Литванија е подготвена, и јас сум подготвен да продолжам соработката. Сите прашања поврзани со организацијата на безбедноста, се надевам, ќе бидат професионално и брзо решени“, изјави Будрис за новинската агенција ЕЛТА.
Претходно, премиерката Инга Ругињене изјави дека одлуката за намалување на обезбедувањето на Циханускаја била донесена врз основа на проценка на ризикот. „ Циханускаја има обезбедување, но тоа е прилагодено на актуелната реалност“, ја пренесе нејзината изјава информативниот портал Делфи.
Литванскиот јавен радиодифузен сервис објави дека намалувањето на трошоците за заштитата на Циханускаја, кои годишно изнесувале околу еден милион евра, исто така било фактор.
Ремигијус Мотузас, пратеник од владејачката социјалдемократска партија, за ЕЛТА изјави:

„Ова е дефинитивно прашање на средства. Исто така, се чини дека таквото ниво на заштита не било неопходно.“
Поранешниот министер: Литванија ја издава Циханускаја
Поранешниот министер за надворешни работи, Габриелиус Ландсбергис, кој сега е во опозиција, не се согласува со ова.
Тој изјави дека Литванија ја „издава“ Циханускаја.
„Причините за оваа одлука се нејасни, но јасно е дека најмногу корист има Лукашенко – приморувањето на Светлана да си замине во надеж дека ќе биде замолчена, доведување во прашање на нејзиниот легитимитет – токму тоа е нешто за што тој долго време сонува“, напиша тој.
Дипломатско затоплување на односите
Оваа одлука доаѓа во момент кога Лукашенко се обидува да излезе од дипломатската изолација во која се најде по репресиите во 2020 година.
Тоа вклучуваше и телефонски разговор со тогашниот американски претседател Доналд Трамп, како и договори со Вашингтон за ослободување на повеќе политички затвореници, вклучително и сопругот на Циханускаја, Сергеј.
Заемно, САД ги укинаа санкциите кон белоруската државна авио-компанија Белавија.
Ландсбергис изјави дека актуелната литванска влада сака да ги подобри односите со Лукашенко.
„Сегашната литванска влада, особено нејзините порадикални елементи, отсекогаш сакале да се вратат на нормални односи со белорускиот диктатор“, напиша тој.
Без оглед на причините за овој потег, останува загриженоста за безбедноста на Циханускаја и другите белоруски политички прогонети.
Полициска заштита не беше доволна да спречи напад со чекан врз рускиот
Полициската заштита не беше доволна да го спречи нападот со чекан врз рускиот опозициски активист Леонид Волков во Вилнус во март 2024 година.
Двајца белоруски активисти во странство исчезнаа оваа година. Анатол Котау исчезна во Турција во август, а Анѓелика Мељникова последен пат беше видена во Полска во март.
Истакнатиот опозициски политичар Павел Латушка, кој исто така живее во Полска, изјави за Белорускиот сервис на РСЕ дека „полските специјални служби неколку пати го информирале дека успеале да спречат акции на специјалните служби на белорускиот режим“.
„Ако ги изброите сите закани што сум ги добил преку социјалните мрежи, е-пошта и од амбасадори, добив најмалку 160 закани“, додаде Латушка.