Локални избори на Косово: Мирно и демократски со 39 отсто излезност
Централната изборна комисија соопшти дека, според прелиминарните податоци, во првиот круг од локалните избори на Косово, денеска (12 октомври) гласале 39,07 отсто од граѓаните.
На претходните избори излезноста беше 43 отсто - изјави претседателот на ЦИК, Крешник Радониќи.
Радониќи истакна дека на многу избирачки места е започнато броењето на гласовите за кандидатите за градоначалници.
По завршување на овој процес, ќе бидат пребројани и гласовите за членовите на општинските совети.
Невладини организации: Изборниот процес беше мирен и демократски
Коалицијата на невладините организации кои го следеа изборниот процес – Демократија во акција (ДнВ) – соопшти дека процесот поминал мирно и демократски.
Сепак, ДнВ посочи дека за време на гласањето имало одредени неправилности.
„Асистенцијата при гласањето беше многу изразена појава, каде што на многу гласачи – особено жени и млади – им помагаа нивни роднини и други лица. Дополнително, во многу случаи гласањето со асистенција воопшто не беше евидентирано во избирачките списоци“, се наведува во извештајот на ДнВ.
Промената на избирачките места исто така предизвика проблеми кај гласачите, а „голем број граѓани се вратија без да можат да гласаат, бидејќи нивните имиња не биле пронајдени во избирачкиот список“.
„Набљудувачите на ДнВ исто така идентификуваа присуство на промотивни материјали, постери и визит-картички во круг од 100 метри околу избирачките места, а во некои општини било забележано и организирано гласање за групи граѓани“, се наведува во соопштението по затворањето на избирачките места.
Коалицијата на невладини организации ги повика членовите на изборните комисии совесно да ги пребројуваат гласовите, а политичките партии трпеливо и мирно да ги почекаат официјалните резултати.
На локалните избори во сите општини во Косово, вклучувајќи ги и оние со српско мнозинство на северот од земјата, право на глас имаа 2.069.098 гласачи, додека околу 44.000 гласачи беа регистрирани за гласање од странство.