Камиони со хуманитарна помош влегуваат во Газа
Десетици камиони кои превезуваат хуманитарна помош почнаа да влегуваат во Газа на 12 октомври, откако во петокот стапи во сила договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, пренесува Би-Би-Си.
Претставничката на Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), Тес Инграм, изјави за Би-Би-Си дека штотуку пристигнала во градот Газа, каде што илјадници Палестинци се враќаат во своите домови. Инграм рече дека е таму за да ги процени потребите на луѓето и да воспостави рути за пристап до помошта.
„Помошта пристигнува во Појасот Газа. Предизвик ќе биде да се осигуриме дека можеме да ја зголемиме таа помош и да ја доставиме што е можно побрзо, бидејќи количините што стигнуваа за време на овој конфликт беа премногу мали“, рече таа.
Таа додаде дека се надева оти денес „ќе биде првиот ден кога ќе видиме зголемување на помошта“ и дека таа мора да стигне до луѓето низ цела Газа.
Според условите на договорот за прекин на огнот, кој беше постигнат со посредство на САД, количината на помош што влегува во Газа треба да се зголеми.
Хамас, кој САД, Европската унија и други земји го сметаат за терористичка организација, се согласи на првата фаза од планот кој предвидува до понеделник, 13 октомври, да ги ослободи сите израелски заложници кои ги киднапираше за време на нападот на 7 октомври 2023 година.
Според договорот, откако заложниците ќе бидат предадени, Израел ќе ослободи 250 Палестинци кои издржуваат долги затворски казни, како и 1.700 притвореници фатени за време на војната.
И покрај договорот, остануваат многу отворени прашања, вклучително и идното управување со разрушениот Појас Газа и судбината на Хамас, кој ги одбива израелските барања за разоружување.