Пакистан ја затвори границата со Авганистан по размената на оган
Пакистан денеска (12 октомври) ги затвори граничните премини со Авганистан, соопштија пакистанските власти по размената на оган меѓу силите на двете земји.
Авганистанските трупи во саботата вечерта отворија оган кон пакистанските гранични премини, а Министерството за одбрана на Авганистан соопшти дека тоа било одмазда за пакистанските воздушни напади врз Авганистан претходно во неделата.
Пакистан соопшти дека возвратил со артилериски напади и дека размената на оган завршила во неделата наутро.
Двата главни гранични премини меѓу Пакистан и Авганистан — во Торкам и Чаман — се затворени, соопштија локалните власти, додавајќи дека се затворени и најмалку уште три помали премини.
Од Кабул не го коментираа затворањето на границата. Министерството за одбрана на Авганистан претходно соопшти дека нивната операција завршила на полноќ по локално време.
„Не постои никаква закана на ниту еден дел од територијата на Авганистан“, изјави во неделата портпаролот на талибанската влада, Забихулах Муџахид.
Границата меѓу Авганистан и Пакистан е долга 2.600 километри.
Исламабад ја обвинува талибанската администрација дека крие милитанти кои напаѓаат кон Пакистан, што Кабул го негира.
Пакистанските воздушни напади, кои Исламабад официјално не ги потврди, на 9 октомври беа насочени кон лидерот на милитантната група Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП) во Кабул, но не е познато дали тој е убиен.
ТТП се бори да ја собори владата во Исламабад и да ја замени со строг исламски систем на владеење. Има блиски врски со авганистанските талибани.