Локални избори во Косово, на листите 206 кандидати за градоначалници
Локални избори се одржуваат во сите општини во Косово, вклучувајќи ги и оние со српско мнозинство на северот од земјата. Право на глас имаат 2.069.098 гласачи, додека околу 44.000 гласачи се регистрирани за гласање од странство.
Косовските институции и меѓународните мисии ги повикаа граѓаните да гласаат слободно и без надворешно влијание.
Повеќе од две години, Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ ги водат градоначалници Албанци.
Ова следеше по оставките на претставниците на Српската листа во ноември 2022 година во знак на протест против одлуката на косовските власти да ги укинат српските регистарски таблички за возилата во Косово.
Во април 2023 година, Србите на север ги бојкотираа предвремените општински избори на повик на Српската листа.
Уште еден бојкот следеше една година подоцна, во април 2024 година, за време на гласањето за отстранување на градоначалниците Албанци.