Студентите во блокада на протест за поддршка на Србите од Косово пред локалните избори
Во Белград се одржува протест во знак на поддршка на Србите од Косово, по повик на студентите кои се во блокада на факултетите.
Протестот беше најавен пред локалните избори на Косово, закажани за 12 октомври. Во повикот се критикува односот на власта, предводена од Српската напредна партија, кон српската заедница на Косово.
Собирот започна на платото кај Правниот факултет, по што следуваше прошетка до Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, која се наоѓа во Палатата Србија.
На чело на колоната се наоѓа транспарент со натпис: „Земјата што ја купив од небото, некој им ја вети“, што е стих од песната „Косово Поље“ на Матија Беќковиќ, книжевник и академик познат по своите десничарски ставови.
Како што јавува новинарката на Радио Слободна Европа, присутните носат и знамиња на Србија, обележја од факултетите, православни икони и знамиња на кои се прикажани мапата на Косово и српското знаме.
Официјалниот став на Србија е дека не ја признава независноста на Косово прогласена во 2008 година и го смета за покраина Косово и Метохија во состав на Србија.
Собирот го обезбедуваат сообраќајната полиција и полиција во цивил.
На протестот беа забележани и поранешниот пратеник и десничар Срѓан Ного, лидерот на ултрадесничарската организација „Народни патроли“ Дамњан Кнежевиќ и Младен Обрадовиќ од екстремно десничарската организација Образ, чија работа беше забранета од Уставниот суд на Србија во 2012 година.
Собраните за време на прошетката извикуваат: „Косово е срцето на Србија“ и „Нема поделба, целиот Космет е дел од Србија“.
Скандираат и навреди на сметка на претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Исто така, го нарекуваат и со навредлив, дискриминирачки збор за Албанците.
Еден од транспарентите гласи: „За Србите на Косово и Метохија, не за Српска листа“.
Поддршка од власта во Белград на претстојните избори има само Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово.
Студентите во блокада, во пресрет на протестот, оценија дека Србите на Косово се „оставени без поддршка и помош од страна на актуелната власт, освен кога нивната мака се користи за медиумска и изборна пропаганда“.
Сметаат дека власта „го игнорира фактот дека помошта на нејзините државјани е морална и законска обврска“.
Студентите што ги блокираат белградските факултети исто така истакнуваат дека даваат поддршка на Универзитетот во Приштина, со седиште во Северна Митровица, кој функционира во рамки на образовниот систем на Србија.
Тие укажуваат и дека преку протестот сакаат да ја подигнат свеста за „репресијата и проблемите што секојдневно се случуваат на Косово“.
На Косово на 12 октомври се одржуваат локални избори во 38 општини.
Српска листа ја иницираше излезноста на Србите од косовските институции на северот на Косово во ноември 2022 година, и повика на бојкот на локалните избори во април 2023, поради што на власт во четири општини на северот дојдоа албански градоначалници.
Локалното српско население во тие четири општини на северно Косово не ги прифаќа албанските градоначалници, поради што претходно беа организирани и протести.
Сепак, албанските градоначалници останаа на своите позиции до крајот на мандатот, бидејќи Српска листа и во април 2024 повторно повика на бојкот на гласањето за нивна смена.
Во текот на целиот овој период, на северот владееја тензии, кои дополнително се зголемуваа со обидите на косовската влада да воспостави контрола на северот од Косово.
Ситуацијата кулминираше со вооружениот напад на Срби во Бањска во септември 2023 година, кој го предводеше тогашниот потпретседател на Српска листа, Милан Радојичиќ.
На претстојните локални избори на 12 октомври, Српска листа има кандидати за градоначалници во сите десет општини со српско мнозинство на Косово: Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ, Зубин Поток, Грачаница, Штрпце, Ново Брдо, Клокот, Партеш и Ранилуг, како и во Обилиќ.
Како алтернатива на Српска листа на претстојните локални избори во општините со српско мнозинство се партијата „За слободу, правду и опстанак“ на Ненад Рашиќ, Српска демократија на Александар Арсенијевиќ, Српски народен покрет на Милија Бишевац, Косовски сојуз на Горан Маринковиќ, како и неколку граѓански иницијативи кои имаат свои кандидати главно во по една општина.