ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Свечена академија, честитки и награди: Одбележани 84 години од Народното востание

0

По повод 11 Октомври, попладнево во „Кристалната сала“ на Собранието на Република Северна Македонија беше доделена истоимената награда - признание за животно дело во дејности од јавен интерес. Државната награда „11 Октомври“ се доделува како највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес.
Наградата за животно дело во областа на културата и уметноста им беше врачена на актерката Теута Ајдини - Јегени, хорскиот диригент - проф. Летка Димовска - Полизова, како и на продуцентот - промотор на македонската уметност Иво Јанкоски, додека во областа на науката и образованието на машинскиот инженер - проф. д-р Константин Димитров и на хемичарот, академик Глигор Јовановски.
Наградите ги врачи претседателот на Одборот за доделување на наградата, проф. д-р Светозар Антовиќ.
Антовиќ: Патот кон ЕУ бара напори за реформи
Тој порача дека „ова не е само награда, туку и обврска“.
„Лауреатите на оваа награда се живи сведоци дека револуционерниот дух не згаснува, туку се преобразува во идеи, дела и вредности што се влог во нашата иднина“, истакна Антовиќ.
Тој нагласи дека денес нашата држава претставува „вистински пример за мозаик на традиции и се осврна на европеизацијата на земјата“
„Но, додека се навраќаме на храброста од 1941 година, не смееме да ги игнорираме предизвиците со што се соочуваме денес. Македонија гордо чекори по патот кон членство во Европската Унија. Но тој пат бара напори кон спроведување на системски и институционални реформи, што зависат од сите нас“, порача Антовиќ, деканот на Медицинскиот факултет .
Тој додаде дека за „да ѝ помогнеме на нашата татковина, сите заеднички треба да работиме кон зголемување на капацитетите на државните институции. Покрај ова, посочи и дека преку подобрување и негување на образовниот процес, ќе се овозможат уште подобри услови за работа на научниците и културните уметници кои како што рече, се наши вистински амбасадори во светот.
Од името на добитниците на наградата, пак, се заблагодари проф. д-р Константин Димитров.
„Оваа награда е патоказ дека со истрајна работа, со љубов кон татковината и со верба во иднината и ѕвездите се достижни. Нека биде ова поттик за сите идни генерации дека Македонија ќе расте и ќе се издигнува преку знаење, уметност и човечност“, рече Димитров.
Свечена академија во Прилеп
Во пресрет на денешното доделување на наградата, празникот го честитаа повеќе домашни политичари, но и дел од политичките партии.
Централното чествување пак, по повод 84-годишнината од почетокот на народното востание, се одржа во Прилеп на свечена академија под мотото „На вистинската патека, за татковина со иднина“
Од прилепскиот Центарот за култура „Марко Цепенков“, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека „потребен е суштински дијалог со сите општествени фактори кои се важни за државата “.
Мицкоски рече дека е подготвен да го води тој процес и сите да се обединат околу платформа која нема да биде само политичка или економска, туку општествена „за целите што сакаме да ги постигнеме како држава“.
„Сакам да кажам дека никој од нас не е исклучен од свесноста за она што ѝ се случи на државата и сите овие работи ја уништуваа самодовербата и ја убиваа надежта. Многумина – тоа е причината поради која си заминаа и неповратно се иселија“, додаде премиерот.
Во денешниот говор исто така, тој се осврна и на системот на Југославија за кој рече дека многумина сметаат оти тој бил поорганизиран од сега.
„Не е тоа толку носталгија кон тој систем, нешто што било пред 30 и повеќе години, колку што е пред сè револт кон нефункционирањето на системот што се гради овие 30 години. А системот е трул и нефункционален, оптоварен со многу отстапки, неразумни компромиси, силувања, разочарувања. Затоа на граѓаните им се смачува од политика, од расправии за основните прашања“, додаде Мицкоски.
По повод 11 Октомври, честитка упати и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која повика на обединетост и слотеност.
„Живееме во тегобно време на војни и воени закани, срамни за 21 век“, наведува претседателката додавајќи:
„Битисуваме оптоварени со суштински проблеми во остварувањето на правото, правдата, хуманоста и солидарноста. Исправени сме пред нови предизвици, несвојствени за демократијата. Од нас се бараат илинденска и партизанска зрелост, мудрост и храброст во донесувањето клучни одлуки. Повторно мора да бидеме обединети и сплотени, ако сакаме да го сочуваме она што го наследивме од оние кои тргнаа во востанички марш, водени од јасна визија, спремни за жртвување во ослободителната мисија!“, порачува Сиљановска-Давкова.

Филипче на средба со претставници од Сојузот на борци на НОАВМ
Празникот го честиташе и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче кој се сретна со претставници од Сојузот на борци на НОАВМ. Тој честитајќи го големиот македонски празник, го истакна аманетот на борбата и го посочи значењето и придонесот на НОБ и на Сојузот на борци во поставувањето на темелите на нашата држава.
Филипче додаде дека борбата за подобро општество не е завршена, и треба уште многу да се работи за целосно да се исполни аманетот на нашите предци.
„Треба уште многу да работиме напорно, да ја зајакнеме оваа држава, да го завршиме евроинтегративниот пат, за Македонија да биде убаво место за живеење во кое што младите ќе ја гледаат иднината. Да го најдеме начинот да постигнеме национален консензус и да се бориме против најголемите непријатели на денешнината, а тоа е корупцијата, партизацијата и сиромаштијата“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Денешниот ден, согласно Законот за празници, е прогласен за неработен ден во земјава.
На 11 октомври 1941 година, Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.