Коцевски за случајот „Пулс“: Aдвокати критикуваат и се претставуваат како независни експерти, а се бранители на обвинети во случајот
Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски денеска преку отворено писмо упати остра реакција до претседателот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Љубомир Михајловски за начинот на кој дел од адвокатите јавно го коментираат поднесеното обвинение".
Според Коцевски, овие јавни настапи се "спротивни на член 13 од Кодексот за професионална етика на адвокатите", кој налага дека адвокатот "е должен да го чува угледот на судот и институциите пред кои се јавува".
Коцевски нагласува дека "неговиот настап треба да биде таков, судовите и другите органи во него да гледаат заштитник во спроведувањето на законитоста и заштитата на правата и правните интереси на странките".
„Изнесувањето на неосновани проценки во поглед на долгото траење на судската постапка наштетува пред се на угледот на Судот и претставува обид истиот да се прикаже како спор и неефикасен, иако судењето воопшто не е започнато. Нагласуваме дека Јавното обвинителство во моментов води повеќе активни судски постапки со кои се опфатени повеќе десетици обвинети, а судењата течат редовно и без застој. Јавните обвинители се водат единствено од доказите и немаат никаква можност да избираат колку обвинети ќе вклучат во постапките што ги водат. Притоа, укажуваме дека одредени адвокати го злоупотребуваат професионалното својство, се претставуваат и ја коментираат постапката и обвинението како непристрасни правни експерти, без притоа да појаснат дека всушност се бранители на обвинетите кои во основа ги застапуваат интересите на својот клиент, доведувајќи ја со тоа во заблуда јавноста и особено оштетените“, пипува Коцевски во писмото.
Коцевски го издвои настапот на адвокатот Сузана Јошевска Атанасовска во емисијата "Студио 10" на Телевизија 24 од 8 октомври 2025 година како "пример за неетички јавен настап, спротивен на принципите на Кодексот за професионална етика на адвокатите".
Според обвинителството, адвокатката "изнесува комплетни невистини дека не и бил даден дел од доказниот материјал кој е приложен заедно со обвинението", што претставува "обид да го наруши интегритетот на истрагата и угледот на јавнообвинителската институција".
Коцевски во писмото пишува дека целокупниот доказен материјал за предметот „Пулс“ е навистина обемен и е резултат на макотрпна интензивна работа на јавните обвинители".
Коцевски бара од претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски, да "апелира" за професионална одговорност на адвокатите. Тој нагласува дека адвокатите исто така имаат професионална одговорност да дадат придонес за ефикасно и правично судење.
"Пред нас како држава е тежок, но исклучително важен судски процес со кој треба да испорачаме правда за сите жртви во кочанската трагедија. Јавнообвинителскиот тим кој ќе го застапува обвинението во предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ е единствен и ја има апсолутната поддршка од целокупната јавнообвинителска организација. Како одговорна и сериозна институција нема да дозволиме ниту едно единствено рочиште да се одложи или да биде обременето по вина на јавен обвинител. Поднесениот обвинителен акт е потврден од Судот и е стапен на правна сила. Наскоро ќе следуваат одлуки и во други постапки поврзани со овој тежок настан", се наведува во писмото.