По три години затвор добија обвинетите за еден од пожарите во Вардариште
По три години затвор добија обвинетите за предизвикување на пожар во дивата депонија Вардариште. Основниот кривичен суд ги прогласи за виновни Максуд Мемиши, Алмир Асани и Флорим Арифи за создавање на депонија која предизвикала опасност по здравјето на луѓето и загадување на земјата и воздухот.
Според пресудата, тие иако немале ниту фирма, ниту дозвола за откупувале отпад односно старо железо, акумулатори и други материјали на импровизирани пунктови спротивно на законот за управување со отпад.
Собраниот отпад го складирале на улицата „Зендел Џемаил“ во Скопје, а дивите депонии биле опасност по здравјето на граѓаните и ја загадиле на животната средина.
На претходното рочиште Мемиши, Асани и Арифи признаа вина во делот на загрозување на животната средина и природа бидејќи складирале отпад и создале диви депонии на улицата „Зендел Џемаил“ во Скопје, но не и за предизвикување на пожар.
Тројцата обвинети до сега не биле осудувани и се невработени, што судот го ценеше како олеснителна околност, додека тежината на кривичното дело и влијание врз животната средина од кривичното дело се смета за отежнителна околност. Мерката притвор ќе им биде продолжена до правосилност на пресудата поради опасност од бегство или повторување на делото.
Најсилниот пожар поради кој беа приведени осудените се случи на 31 август, поради што без струја останаа делови од населбите (или цели населби) Аеродром, Лисиче, Методија Андонов Ченто, индустриската зона, Кванташки пазар, Арачиново, Стајковци, Трубарево и Бунарџик.
Жители на општина Аеродром 37 дена ја блокираа раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“, барајќи конкретни мерки за решавање на проблемот со загадувањето од „Вардариште“.
Според податоците од Управата за управување со кризи само во изминатиот месец биле евидентирани над 15 пожари во Вардариште.